ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/11/21 2:31 PM

ОРМ: Пред да се вработат лица со попреченост според новиот модел, потребни се сериозни анализи на пазарот

Законот за вработување на инвалидни лица во пракса носи и повеќе од очекуваните придобивки во областа на вработувањето на лица со попреченост, како од економски, така и од социјален аспект. Но, пред да се размислува за нов модел за нивно вработување, треба институциите да направат сериозни анализи за тоа колку лица и со каков вид попреченост има, колку од нив се подготвени низ формалниот процес на образование, пред тие да се вклучат на пазарот на трудот, како и колку од нив треба да поминат низ стручна рехабилитација и поддршка за да стекнат соодветни вештини.

Без да се исполнат овие предуслови, нема да се зголеми инклузијата на лицата со попреченост во економијата, туку само ќе се предизвика нарушување на постојниот систем за нивно вработување во заштитни друштва и ќе се наметне дополнителен финансиски товар за бизнисот. Ова беше кажано на денешната дискусија во рамки на проектот „Деловен појадок“ на Организацијата на работодавачи на Македонија.

„На пазарот на трудот нема доволен број лица со попреченост кои би се ангажирале од страна на работодавачите. Но, и покрај тоа се предлага нов Закон за вработување на инвалидни лица кој предвидува воведување на задолжителна квота за нивно вработување во сите приватни компании со над 20 вработени. Во спротивно, ќе мора да се плати соодветен надомест на државата. Сметаме дека на ваков начин работодавачите ќе бидат ставени во ситуација да плаќаат поради тоа што на евиденција на невработени лица во Агенцијата за вработување нема доволно лица со попреченост“, вели претседателката на ОРМ, Владанка Трајкоска.
Членките на ОРМ и Заедницата на заштитни друштва – ЗАПОВИМ, како колективна членка, оценуваат дека воведувањето на оваа нова давачка е непотребна и крајно нелогична, затоа што, преку придонесот за вработување, компаниите веќе издвојуваат средства во Посебниот фонд за поддршка на вработувањето на лицата со попреченост како и во заштитните друштва.
Со воведувањето на новиот модел станува неизвесна и судбината на друштвата кои вработуваат повеќе од 5.700 лица, од кои над 2.500 се со попреченост, а кои во изминатиот временски период успешно функционираат.

(МИА)


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1