ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/11/21 1:16 PM

Градоначалник како Супермен – уште не преземал функција, а портал тврди дека градот го претворил во градилиште

На два дена пред официјалното преземање на градоначалничката функција, портал излегува со „бомбастичен“ наслов:  „ТОНИ КОЊАНОВСКИ ЗАСУКА РАКАВИТЕ! УШТЕ НЕ СТАПНАТ БИТОЛА ЈА ПРЕТВОРИ ВО ГРАДИЛИШТЕ! Се градат улици, теретани на отворено“, е насловот на текстот, кој пренесува вест од сајтот на Општината Битола за поставување на трим патека со направи за вежбање во центарот на градот.

Во наредните денови ќе се врши поставување на направите за вежбање. Вредноста на оваа инвестиција е околу 1.000.000 денари, се вели во информацијата од Општина Битола“,

пренесува порталот.

Текстот нема никаква врска со насловот. Се работи за градежни работи, кои се во тек и се активност кои ги работи администрацијата на досегашната градоначалничка Наташа Петровска. Новиот градоначалник, Тони Коњановски, нема удел во оваа активност, од проста причина, што тој функцијата ја презеде два дена по објавувањето на текстот во порталот. Дека Коњановски уште неседнат во кабинетот ја претворил Битола во градилиште порталот пишува на 08.11.2021 година, додека примопредавањето се случи на 10.11.2021 година. За ова известува и официјалниот сајт на Општина Битола во текстот: ПРИМОПРЕДАВАЊЕ НА ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА ФУНКЦИЈА ВО БИТОЛА.

Непознатиот автор, кој не се потпишал, навивачки и манупилативно ја насочува публиката во прилог на новоизбран градоначалник, кој патем, не дошол ни во позиција да се докажува и ги исполнува деловите од својата програма.

Авторот го прекршил Кодексот на новинари, каде во Основните начела пишува:

Основна задача на новинарите е да ја почитуваат вистината и правото на јавноста да биде информирана во согласност со член 16 од нашиот Устав“.

Во членот 14 од Кодексот пишува:

Известувањето од политичките процеси, посебно од изборите треба да биде непристрасно и избалансирано. Новинарот мора да обезбеди професионална дистанца од политичките субјекти“.

Во Прирачникот за етичко известување од избори се препорачува „медиумите треба да применуваат чесен пристап во стекнувањето информации и во нивното презентирање. „Притоа тие треба да избегнуваат сензационалистички прикази на темите и настаните, како и погрешни претпоставки што би можеле да ја доведат јавноста во заблуда“.

Европската Комисија во минатото во извештајот за напредок на Македонија забележува на политизација на одредени медиуми и новинари во прилог на одредена партиска опција. Тој проблем последните години се’ поретко се споменува, особено што се зголеми бројот на медиуми кои се држат до новинарските стандарди. Споменатиот пример го враќа медиумскиот простор во тоа не така далечно минато.

Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторот/авторот Медиа плус, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1