ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/11/21 8:59 AM

Природата дава, тетовци уништуваат – Термалните води во Бањиче исчезнуваат поради негрижа

Бањиче, самото име на рекреативната зона сместена на Шар Планина на неколку километри од Тетово, говори дека ова место изобилува со природни извори со минерална и топла вода. Но, ако продолжи невниманието на граѓаните и институциите ќе секнат изворите, а таа еколошка кастастрофа  веќе се случува на терен.

Неодамна кога се асфалтираше патот кој води кон Шипковачко Теќе беше уништен изворот со минерална вода од која тетовци со векови полнеа, а нивното верување е дека таа помага за психички болести и нервни растројства. Се работеше се извор чија вода истекуваше од мала цевка вдлабната во карпа. Изворот беше лоциран точно покрај патот, кој кога се асфалтираше сиот земјен материјал и градежен шут се истураше врз изворот, кој се затрупа и за неколку дена згасна и замина во историјата.

За ова уништување на природните вредности на Шара каде тетовци гледаа надеж за нивното здравје, никој не понесе одговорност.

-Штета е што тој извор го нема. Тука полневме вода речиси секое сабајле, моите кои се починати ми велаа дека оваа вода делува како лексилиум и дијазепам, ама без хемија. И многу тетовци ја полнеа. Дали има во тоа вистина не знам, но мене лично ме смирува оваа вода. Некои извори пак помагаа за други болести, некоја вода за желудник, некоја за кожни болести и слично, истакна една жителка на Тетово.

Но, ова не е единствениот извор кој од невнимание се уништил во месноста Бањиче. И пред неколку години покрај самата река, жител на Селце го уништи најстариот извор со минерална вода, откако со багер го рамнеше местото покрај изворот, каде поради промена на конфигурацијата на теренот водата се изгуби. Но за неполни две години од самите цевки повторно се појави водата, но со малку изменет вкус.

На Бањиче има уште три извори со минерална вода, а топлата, односно термалната вода се наоѓа покрај самото течение на реката. Но, сега овие базени со термални води кои граѓаните сами ги правеа на импровизиран начин со обичен ископ и заградени со камења не постојат. Исто така градежни активности кои ги започна претходната локална власт ги затрупаа базените.

Се работи за градежни активности односно проект со  подршка на Агенцијата за финансиска подршка на земјоделството и руралниот развој, за изградба на рекреативното место на локацијата Тетовска Бања со пристап за патна инфраструктура, регулирање на коритото на реката, на термоминералните извори и поставување на урбана опрема.Претходниот градоначалник Теута Арифи, тогаш изјави дека ќе бидат вратени и двете бањи во функција, но ќе бидат изградени на помодерен начин.

-Хисар на турски значи бања, дека има бања. Во Бањиче од време и со векови оделе народ да се лекува, имало топла и минерална вода.Топлата вода каде имало женски базен, за женски болести. Но, како се менува коритото така и се губат изворите, а излегуваат други.  Уште од прастари времиња одел народ да се лекува за стомачни болести, за кожни болести. Но, и ден денеска тие води е штета што се упропастуваат, не се канализираат, не се цивилизираат. Вршени се испитувања дека некои извори имаат кисел вкус, но тие не се доволно испитани. Дека лекуваат стомачни болести е претпоставка, поради киселоста и другите својства што ги има водата. Нема поплаки не се случило поплака, дека некој што пиел вода се разболел, рече Гојко Ефтоски новинар во пензија и истражувач на тетовското минато.

Од Центарот за јавно здравје Тетово, велат дека се работи за вода која не е испитана какви вредности има, но во секој случај се рабoти за чиста вода за пиење, од која нема штета, напротив само корист.

-Таму во месноста Бањиче има некој базен, ама не знаеме каде е тој базен. Со самото поместување на коритото и градежните работи околу реката се губи водата или пак се загадува. Има некои минерали, но пак ќе повторам нема некои испитувања, но ние правиме испитувања за чистотата на водата и ретко кога покажува дека е неисправна, а тоа се случува  кога има претходно некои пообилни врнежи, па тогаш можеби водата се заматува, рече доктор Ратко Давидовски специјалист по хигиена и здравствена екологија вработено во Центарот за јавно здравје Тетово

Некои народни преданија кои и сега ги раскажуваат повозрасните жители, говорат дека во минатиот век во кралството на СХС во оваа месност имало бања, кој ја изградил стопанственик од Врање, богат човек, кој поседувал фабрика за чевли.Тој имал болна ќерка која ја донел на лекување во бањата. Но, нејзиниот век не траел многу. Тројца војници од српската жандармрија се задушиле од некој извор од минералната вода и оттогаш сопствениците го напуштиле местото.

Во книгата пак на авторот Дарко Гавровски – Тетовскиот говор пишува дека дека местото Бањиче е научно откриено за време на подготвителните работи за изградбата на првата хидроцентрала во Македонија која и сега функционира во оваа област, кога поранешниот општински инжинер Антон Славујиќ пратил извесна вода на анализа на Државниот хемиски завод во Љубљана. Во 1926 година извршена е и дополнителна анализа и во Институтот за тропски болести во Скопје, при што е утврдено дека е водата лековита, а Славујиќ на сопствен трошок изградил неколку бетонски кади за водата со импровизиран дрвен покрив, а подоцна 1932 година и поголем плански ѕидан објект со неколку чешми за налевање вода и мали бетонски базени за капење. Според Глас Полога, имало и задушување во самиот објект најверојатно од високите концетрации на сулфурот во водата,  дури осум жртви до 1939 година. Подоцна за време на втората светска војна објектот е целосно ограбен и урнат.

(З.Д.)


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1