ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/11/21 12:45 PM

ММС истражува: Домашните слави чинат мало богатство! Колку е скапа мрсната, а колку посната трпеза?

Крајот на октомври и славата за празникот Преподобна Параскева, односно Петковден го означува стартот на сезоната на слави и имендени, која трае до 31 јануари со празникот Свети Атанас. Дружби, веселба, смеа, гушкање, бакнување, благослов.., сето тоа го имаше до 2019 година, кога се живееше нормално. Последните две години, кога го живееме новото нормално, славските дружби се намалени, собиранките по дома забранети, но тоа не значи дека не треба да престане да се слави светецот, заштитникот на домот.

И за годинава, во пресрет на сезоната на славите  здравствените власти повикуваат да не се прават големи собири поради сезоната на слави.

-Почнува сезоната на слави, а секаков собир е ризик и затоа треба многу да се внимава, рече вчера министерот за здравство, Венко Филипче.

Но, паралелно проблемот годинава не се само здравствените протоколи, туку и трпезата. И да дојдат гости што ќе бидат послужени, особено заради фактот што поради пандемијата се е поскапено. ММС направи истражување по пазарите и маркетите за да видиме колку би чинела една скромна домашна слава. Славите се делат на мрсни и посни во зависност од тоа дали празнувањето е за време на божиќниот пост или после него.

За подготовка на мрсната слава најмногу се троши на месо и на пијалоци. Ако купувате скара, просечно за пет до шест килограми ќе платите 2.000 денари. Потоа најмногу пари даваме за ладни предјадења и сувомеснати даски. Кај посната слава најмногу се троши на риба, околу 1.000 денари за пет. килограми ако е ослиќ до 1.500 денари за свеж крап.

– Дефинитивно за мене посната слава повеќе чини отколку мрсната. Мојата слава е Петковден и зависно од тоа на кој ден ќе падне, 27 октомври е посна или мрсна. Моите пресметки за прослава на овој ден со најтесниот круг на семејството се дека кога е славата мрсна трошоците ми се за околу 1.000 денари пониски отколку кога е мрсна, а годинава ме чинеше околу 3.500 денари за седум луѓе. Она што се издвојува во цената е скапата риба, баклава и пијалокот кој годинава значително е поскапен во споредба со претходните години. Дополнително трошоците за ритуалот во црква, пеење на славското лепче, крстена вода, пари на икона, пари за свеќи, чини минимум 400 денари – откри читателка за ММС која ја затековме во маркет и која секогаш слави во кругот на најблиското семејство.

Во Македонија најмногу се слави Свети Никола, на 19 декември. Славата е секогаш посна, но трпезата изобилува со прекрасни сарми, риба и посни баклави.

– Нашата куќна слава е Свети Никола што значи дека трпезата е секогаш посна. Поради тоа моравме да ставаме туршија и кисела зелка потрано од вообичаено, бидејќи се знае што се става на ваква трпеза. Задолжително гравче или посна сарма. Најголем трошок, секако,  се рибите, но ништо поевтино веќе не е ни гравчето, а за свежите риби и да не зборуваме. Среќа што славата била секогаш во кругот на семејството, па издадоците не можам да кажам дека биле екстремно многу големи. Но, познавам блиски кои тераат слава по три дена, а бидејќи славата им е мрсна дополнително трошеле по некое прасе или теле. Освен тоа новите домаќинки и не сакаат веќе славата да ја слават дома, иако се вика домашна слава, туку во некој ресторан. Лично сум била на домашна слава во ресторан, што од една страна не е убаво, бидејќи веќе не е домашна, но од друга страна, си има пари, може да си плати и нема да чисти пред да дојдат гостите и откако ќе си заминат а и да се мачи да готви. Иако, тоа веќе некои со подлабок џеб го решаваат со кетеринг. Мислам дека со пандемијата, со покачување на цените и до 50 проценти, домашните слави ќе станат луксуз – дополни анонимна читателка која ја затекнавме во друг маркет.

Во еден од маркетите затековме и домаќинка, која рече дека на 29 ноември слави една од поретките слави, Свети Матеј, која исто така е посна слава.

– Ако сте дел од модерните домаќинки што немаат време многу да готват тогаш користите кетеринг услуги кои чинат најмалку двојно повеќе отколку домашната храна. Но, тоа е за оние што можат да си го дозволат тоа и на денот на славата се во салони за убавина, а не во кујна – додаде друга читателка.

Во анализата на ММС колку ќе чини една посна и една мрсна славска трпеза за најмногу 20 гости сметките покажуваат дека за првата, посната, треба да се издвојат околу 10.100 денари, додека мрсната трпеза ќе чини 10.500 денари.

СМЕТКА ЗА МРСНА СЛАВА – 10.500 ДЕНАРИ

– Руска салата 600 денари (2кг)

– Сувомеснато 2.000 денари (по 1кг печеница, чајна, кулен, врат, шунка)

– кашкавал 400 денари (1кг)

– сирење 300 денари (1кг)

– Кифлички 500 денари (3кг)

– Скара 2.000 денари (5 кг)

– Зелени салати 500 денари (по 1кг, краставици, зелка, марула, патлиџан, морков)

– Ситни колачи 1.000 денари (2 кг)

– Домашна торта 500 денари

– Пијалоци 2.400 денари (20 пива, сокови, вино, домашна ракија)

– Ситници 300 денари (салвети, чепкалки, свеќи…)

– Трошоци за црква 500 денари

 

СМЕТКА ЗА ПОСНА СЛАВА – 10.100 ДЕНАРИ

– Кифлички 500 денари (3кг)

– Ситни колачи 1000 денари (2кг)

– Домашна посна торта 500 денари (за 20 лица)

– Пијалоци 2400 денари (20 пива, сокови, вино, домашна ракија)

– Ситници 300 денари (салвети, чепкалки, свеќи…)

– Зелени салати 500 денари (по 1кг, краставици, зелка, марула, патлиџан, морков)

– Туна салата, макарони салата 600 денари (2кг)

– Сарми 60 парчиња 1000 денари

– Замрзнат ослич 800 денари (5кг)

– Свежа риба 1500 денари (5кг крап или пастрмка)

– Гравче 500 денари (2 кг)

– Трошоци за црква 500 денари

 

Орце Костов

Фото: minjina-kuhinjica.com/stil.kurir.rs

 

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1