ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/10/21 2:07 PM

Документарецот „Леле луѓе што направивме, радувај се Македонијо” премиерно овој викенд

Пласманот на кошаркарската репрезентација во полуфиналето на Европското првенство во Литванија се овековечи со документарниот филм „Леле луѓе што направивме, радувај се Македонијо” кој денеска го промовираше Олимпискиот комитет на Северна Македонија, Кошаркарската федерација на Северна Македонија (КФСМ) и продукцијата „ТриСтар”

На денешната прес-конференција по повод промоција на филмот, Сотир Сотировски од продукцијата „ТриСтар”, информираше дека документарниот филм е изработен во две продолженија, а на него работела една, како што кажа, „млада, мотивирана, искусна екипа.

– Идејата за филмот доаѓа од уредникот на порталот за кошарка „Кош.мк”, Љубомир Ошавковски и останатата екипа, а со несебична поддршка на Олимпискиот комитет на Северна Македонија, Kошаркарската федрација, како и други спонзори кои ја препознаа идејата, креиравме едно дело кое треба да остане запаметено и да го презентира огромниот национален успех и радост која што се случи во 2011 година, рече Сотировски.

Претседателот на Олимпискиот комитет, Даниел Димевски, изрази огромна благодарност за иницијаторите и реализаторите, на, како што рече „овој фантастичен проект”, како и на можноста да придонесе кон истиот.

– Тоа беше почеток на нова ера на македонскиот спорт, која нè ослободи сите, ни го даде она што ни беше неопходно да се почувствуваме дека сме и ние достојни за врвни спортски резултати. Мислам дека оттогаш навака, спортска Македонија е различна, многу посамоуверена. Впрочем, после тоа дојдоа и сите поголеми успеси и на репрезентативен, и на клупски, и дај боже сега и на олимписки план, кажа Димевски.

Своевремениот селектор на репрезентацијата, Марин Докузовски, истакна дека ова е еден прекрасен филм кој што ќе нè потсети на сето она што се случуваше тогаш.

– Драго ми е, многу сум среќен што е направен овој документарец и што тука има ситуации кои што обичните луѓе не можеа да ги видат на малите екрани. Имаше некои интересни моменти од нашите подготовки, од нашите тренинзи и од натпреварите, што мислам дека ќе направи да биде уште поинтересно гледањето на овој филм, рече Докузовски.

Тодор Гечевски, кој своевремено беше дел од репрезентативниот тим на Македонија изрази благодарност за реализацијата на оваа идеја и посочи дека смета дека со овој документарец младите ќе можат да видат дека и ние можеме да бидеме квалитетни и да имаме врвни резултати.

– Ова треба да остане засекогаш и да ги мотивира следните генерации да направат поголем успех од она што го имаме ние направено, заклучи Гечевски.

Документарниот филм „Леле луѓе што направивме, радувај се Македонијо”  ќе биде промовиран викендов, 13-ти и 14-ти ноември, на Телевизија 24 од 20:45 часот.

МИА

фото: Eurosport, FIBA


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1