ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/10/21 1:59 PM

Претставата „Животот е прекрасен“ од утре премиерно во штипскиот театар

„Претстава со многу музика и карактери кои сакаат да имаат сила да опстојат, во ова време на изолација, лаги и спинови. Време кога автентичноста на лагите е пореална од реалноста. Претстава режирана од еден ангел, кој се обидува на луѓето да им каже дека, да, животот е тежок, ама и прекрасен. Ти одбери што сакаш да гледаш. Денот на дабарот, за еден ангел кој во една радио станица, сакајќи да спаси еден човек, спасува еден град. Дури и атеистите. Мајзнеровска училница, каде што солзите се нормални, разговорите се искрени, каде што смеата е заразна, а луѓето се скршени, но ведри.“

Претставата „Животот е прекрасен“ од утре премиерно ќе се изведува во штипскиот театар. Претставата како што вели нејзиниот режисер Бојан Трифуновски, не е чист жанр, бидејќи ни животот не е таков, туку е базирана на два концепти – автентични емоции и здрава доза на хумор. Концептот е базиран на старата приказна на Чарлс Дикенс „Божиќна приказна“, преработена во кратка сказна од Филип ван Дорен и текстот на Џо Лендри.

– Принципот на работа беше американски каде актерите многу брзо треба да го совладаат текстот и да се качат на сцена. Помогна тоа што се случува се во еден простор, кој на некој начин е продолжување на просторот во кој вие седите, а во моментот кога ќе влезете во театарот станувате гости во радиото „Freedom“, вели Трифуновски.

Актерската екипа е составена од Милорад Ангелов, Ефтим Трајчов, Ангелка Нашкова, Миле Вратеовски, Марија Минчева Андонов, Пеце Ристевски, Ава Хусеини и Стефанија Митовска.

Сите тие истакнаа дека се работи за една комплетно различна и автентична претстава, а со неа Ансамблот на Народниот театар во Штип поместил некои стандарди, бидејќи се работело филмски и со многу љубов.

Директорот на НУЦК „Ацо Шопов“, Горан Трајков, истакна дека ова е последната премиера со која се заокружува програмскиот дел кој е годишна програма од Министерството за култура.

– Би сакал да ги поканам граѓаните да ја погледнат оваа висококвалитетна театарска претстава која го подига нашиот театар на едно повисоко ниво и остава впечаток дека сме сериозни во нашата работа и своето делување, рече Трајков.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1