ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/10/21 1:41 PM

Вакцинирањето против грип и ковид нема да се меша, ќе се вакцинира на различни места, рече министерот Филипче

Вчера пристигнаа 40.000 дози четиривалентни вакцини против грип. Ова е веќе четврта година по ред како обезбедуваме бесплатна вакцинација за хронично болните, граѓаните над 65 години, децата, здравствените работници, бремените жени – соопшти попладнево министерот, Венко Филипче. Тој рече дека овие вакцини веќе се дистрибуираат. Со цел да не се мешаат групите на граѓани кои доаѓаат за вакцинација за сезонски грип и за ковид, вакцинацијата ќе се спроведува во центрите за јавно здравје и во дел од здравствените домови во Скопје каде што нема вакцинација за ковид.

„Секој граѓанин може да се пријави на сајтот vakcinacija.mk и ќе добие информација смс порака со ден и место каде може да дојде и да се вакцинира“, потенцираше Филипче.

Одговарајќи на новинарско прашање што со повозрасните граѓани кои сакаат да се вакцинираат, а не знаат како електронски да се пријават, министерот посочи дека тие може тоа да го направат преку својот матичен лекар.

„Овој систем со пријавување се покажа како ефикасен за да не се создаваат гужви на пунктовите. Секој што не може, може тоа да го направи преку матичниот лекар. Тоа не е ексклузивен начин, тоа е само олеснување за граѓаните“, истакна Филипче.

Освен количината од 40.000 вакцини против сезонски грип, набавени се уште 11.000 од страна на центрите за јавно здравје. Од нив, 4000 ќе бидат наменети за Скопје.

„Ќе има и теренска вакцинација и тоа ќе биде во домовите за стари лица, понатаму центрите за дијализа. За здравствените работници ќе се организира пункт во Институтот за јавно здравје, а во Скопје каде се очекува најголем притисок за вакцинација, освен во Центарот за јавно здравје, од поликлиниките за вакцинација против сезонски грип ќе бидат наменети тие во Ѓорче Петров, Бит Пазар и Идадија. Имаше состанок на Националниот комитет за имунизација, ставот е дека нема ризик ако вакцините за ковид и грип се примаат во исто време. А ако не се примаат во исто време нема разлика колкав временски период ќе биде дистанцата помеѓу двете вакцинации“, додаде Филипче.

 

(В.Ми)


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1