ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/10/21 8:54 AM

„Тука нема ни ред ни закон“ – Магистралниот пат Тетово-Јажинце со нова асфалтна подлога, но пак со легнати полицајци

Патниот правец кој води од Тетово до граничниот премин Јажинце, на потег од излезот од градот до Непроштено доби нови таканаречени легнати полицајци.Со самото поставување на асфалтот екипите односно механизацијата си поставуваа грпки со помош на мештаните, иако според законот за патишта на ваква сообраќајница кој поврзува две држави не е дозволено.

Рехабилитацијата која е во тек, а половина од работите се завршени, ја најави уште во месец мај оваа година директорот на Агенцијата за државни патиште Ејуп Ристеми.

-Ќе се работи на посебен проект за безбедност на овој патен правец, каде ќе се врши рехабилитацијата, таму експертите ќе одлучат какви сообраќајни решенија се потребни за овој патен правец, рече Рустеми за ММС  пред неколку месеци на прашањето дали со рехабилитацијата ќе се остранат грпките.

Но според состојбата на терен нема никакви нови сообраќајни решенија, а возачите и натаму ќе си ги кршат возилата, а за до одредена релација ќе го продолжат патувањето двојно и тројно. Дополнително легнатите полицајци и натака ќе создаваат големи гужви на оваа делница.

Граѓаните поделени околу легнатите полицајци. Мештаните од Порој и Џепчиште кои ги поставија старите грпки, велат дека не се согласуваат целосно со ова сообраќајно решение, но принудени се на ваков чекор, оти патот бил небезбеден, а засега државата не презема некои сериозни чекори и инвестиции за поголема безбедност.

-Добро е што и сега се поставуваат легнатите полицајци, оти друг начин да се заштитиме нема. Тука многу брзо се вози, има контрола од полицијата, не толку голема и честа, но бадијала, на народот не му доаѓа памет. Вака со легнатите полицајци се намалува брзината. Порано кога ги немаше, имавме доста жртви, доста пешаци загинуваа од нашите села. Можеби би било подобро за сите да се изградат на пример неколку надвозници за поминување на оваа делница, семафори или нешто слично. Сме барале, но досега нема ништо од тоа, велат мештаните од село Порој, кои ги затекнавме како излегуваат од едно комбе кое превезуваше патници од Тетово кон нивното село.

За разлика од нив, поголем дел од селаните од другите населени места од тетовско, сметаат дека не е во ред да се поставуваат грпки на магистрален пат.

-Ова вака не е во ред, цел град е сообраќаен хаос и кога сакаш да излезеш од Тетово пак наидуваш на вакви глупости. Тука нема ни ред ни закон, кој како сака работи и прави. Нон – стоп менуваме делови од возила поради овие легнати полицајци. Сега кога беше најавено дека ќе се рехабилитира патот, сите се надевавме дека нема да се постават нови ама видовте и самите се поставуваат нови и тоа на повеќе места, но барем овие се со побалага косина, малку се поголеми , но сепак се со побалага косина, рече еден жител на село Теарце.

На обновениот пат досега се поставени 7 легнати полицајци, а до целосно рехабилитирање, се очекува уште толку грпки да се постават. Пред неколку години имаше обиди да се остранат легнатите полицајци. На терен излегоа екипи на Агенцијата за Државни патишта и Македонија Пат. Со помош и асистенција на полицијата се остранија неколку грпки, но мештаните од Порој и Џепчиште за кратко се организираа, го блокираа патот и не дозволија градежната механизација да ги острани останатите легнати полицајци.

(З.Д.)


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1