ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/9/21 5:40 PM

Недостиг од шприцеви за вакцинација ќе создаде „сериозни проблеми“, предупредуваат од СЗО

Светската здравствена организација (СЗО) проценува дека ризикот од недостиг на повеќе од една милијарда специјални шприцеви што се користат за вакцинација во 2022 година е реален. Лиза Хедман, виш советник во одделот за пристап до лекови и здравствени производи на СЗО, на денешниот брифинг во Женева изјави дека таквиот недостиг ќе создаде „сериозни проблеми“, особено забавување на рутинската вакцинација во светот.

– Имаме сериозна загриженост дека може да има недостиг на шприцеви за имунизација, што пак ќе доведе до сериозни проблеми, како што е забавување на имунизацијата, како и некои безбедносни проблеми, рече таа.

Хедман објасни дека индустријата може да произведе околу шест милијарди шприцеви за имунизација секоја година ширум светот. – Сосема е јасно дека во 2022 година може да има недостиг од повеќе од една милијарда шприцеви доколку се задржи вообичаената практика, предупреди високата советничка.

Таа потсети дека во 2021 година биле дадени повеќе од 6,8 милијарди вакцини против Ковид-19. Тоа е речиси двојно повеќе од бројот на рутински вакцини за други болести. Така, за вакцинација против коронавирус се потребни речиси двојно повеќе специјални шприцеви што се користат за имунизација отколку за вакцинација против други болести, појасни Хедман.

Според неа, „една од сериозните последици“ од недостигот на шприцеви за вакцини може да биде „одложена рутинска имунизација и други здравствени услуги“. Во исто време, недостигот на неопходни вакцини во детството ќе влијае на здравјето на децата „во годините што доаѓаат“.

Покрај тоа, недостигот може да доведе до повторна употреба на шприцеви, што е „многу опасна пракса“, вели советничката.. Затоа Хедман препорача набавката на шприцови да се планира однапред за да се избегне „панично купување“ и ситуација како онаа во раните денови на пандемијата на коронавирус, кога на некои места недостасуваше лична заштитна опрема.

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1