ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/10/21 7:00 PM

(Видео) Татко ми велеше „учи ќерко од цртање не се живее“, но јас не го послушав – Велешанката Нада Сарагинова везе приказни со срма на црно платно

Никогаш не е доцна да се поместат границите на сопствените можности, посебно во уметноста која и не познава граници. Велешанката Нада Сарагинова била талентирана ученичка со огромен уметнички потенцијал, но пркосејќи им на желбите на својот татко воен офицер, не успеала професионално да се занимава ниту со цртањето, ниту да го наследи него.

Неколку децении подоцна, Нада ужива во пензионерските денови исполнувајќи го времето со тоа што најмногу го сакала – уметноста. Таа изработува филигран мод, односно подготвува скици на ленено црно платно, а потоа везе со срмен конец и свила разни мотиви од религијата, историјата, животинскиот свет и човечката природа.

Тетка Нада ги отвори вратите и својата душа за ММС, ги покажа своите неверојатни рачни изработки и  потсети колку години тлеела уметноста во неа и зошто првото дело го изработила кога имала 52 години.

– Бев осмо одделение и требаше да се запишам во Средно уметничко училиште, но татко ми, воен офицер, не сакаше да слушне. И професорот Пене Пенков и директорот дојдоа да го убедуваат татко ми дека имам потенцијал за уметност, но тој не ми дозволи. Се сеќавам, татко ми рече „Учи ќерко, од цртање не се живее“, а јас повеќе од се сакав да се занимавам со уметност. Ме запишаа во гимназија, а таму ме препозна професорот Ангел Петров кој сакаше да продолжам на Ликовна академија. Но, му реков дека зборот „ликовна академија„ ми беше забранет дома. Е, сега малку ми е криво што не го послушав татко ми, затоа што само од уметност не се живее – ја почна својата приказна Нада.

Талентот го криела се до нејзината 52 година кога здогледала фотографија од црквата „Свети Наум“. Земала платно, ја нацртала скицата и почнала да везе со срмениот конец. Оттогаш не е разделена со ленот и срмениот конец, ниту дење ниту ноќе.

– Пак се активирав на 52 години и никогаш не е доцна. Она што е во тебе да излезе на мегдан, да се види. Инспирацијата ја вадам претежно од слики од религијата и настани од православјето, но сакам да работам и модерни теми. Имам направено и две розети на кои им додадов свој печат преку везењето. Јас ја гледам сликата, можеби ќе ја земам формата, но деталите ги менувам. Неколку пати досега ми се случило да здогледам нешто на телевизија и да го цртам на платното додека гледам во екранот. А, ми се случува и да немам инспирација преку ден, едноставно раката не ми оди. Знам да се разбудам среде ноќ и да почнам да цртам. Креативноста нема граници и време – истакна Сарагинова.

Нејзините изработки во филигран мод не се исти како класичното везење или плетење со игли. На црно платно е тешко да се везе и затоа треба големо трпение.

– Религиските мотиви се потешки за изработка, посебно црквите како „Св. Кирил и Методиј“ во Велес или „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник кои ги изработував два месеци. Големи се сликите, 80х60см и затоа е потребно време. За да нацртам нешто, посебно од религијата ми требаат и неколку дена со цел да биде што пооригинално – рече тетка Нада.

Јавноста не знае за овој редок занает, но тешко и ќе дознае кога институциите во Велес не препознале уметност во нејзините дела. Единствена желба на Нада Сарагинова е нејзините ракотворби да ги види публиката, односно да организира изложба во својот роден град Велес.

– Ова не го правам за да заработам. Мене ми е целта да направам изложба во својот роден град. Пред пет години имав понуда да ги изложам ракотворбите во Охрид, но желба ми беше да почнам во мојот Велес. Три години по ред поднесувам барање во Општината, но немам никаков одговор. Ликовниот салон е под ингеренција на Градскиот музеј, но тој чека одговор од Општината дали ќе ми дозволи таму да изложам – откри Нада и порача дека нема да се откаже.

Малкумина знаат дека тетка Нада била и голем хуманитарец и спасила 70 човечки животи преку своите крводарувања за што добила благодарница и статуетка од велешкиот Црвен Крст за своето 50 дарување и добивме признание на Денот на крводарителите на што сум посебно горда – истакна Нада Сарагинова која иако е прв уметник во своето семејство, се надева дека ќе има и на кого да ги пренесе тајните на ретката филигран мод уметност.

 

текст: Орце Костов

фото и видео: Орце Костов

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1