ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/9/21 9:41 AM

Од 15 ноември задолжително поседување зимска опрема за моторни возила

Од 15 ноември до 15 март е периодот на задолжително носење зимска опрема, согласно одредбите во Правилникот за задолжителна опрема на возилото, велосипедот и запрежното возило за безбедно учество во сообраќајот на патиштата, како и на трактори за безбедно извршување на земјоделски односно шумски работи.
Како зимска опрема на моторните возила со најголема дозволена маса која не надминува 3.500 килограми се подразбира зимски пневматици на сите четири тркала, со минимална длабочина на шарите на нагазниот слој по обем и широчина од четири милиметри, како и пневматици со летен профил на сите четири тркала со длабочина на нагазниот слој по обем и широчина, со минимум од најмалку 4 мм., ако возилото во приборот поседува синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.
Во зимска опрема за моторни возила со погон на четири тркала (4 x 4) спаѓаат зимски пневматици на сите четири тркала, со минимална длабочина на шарите од 6 мм и пневматици со летен профил на сите четири тркала со длабочина на нагазниот слој по обем и широчина со минимум од најмалку 4 мм.
Во согласност со важечкиот Правилник за задолжителна опрема на возилата, во патниот сообраќај на возилата е забрането поставување на пневматици со клинци.
Од МВР апелираат до граѓаните да се придржуваат кон законската обврска за поседување зимска опрема, бидејќи така овозможуваме непречено и безбедно одвивање на сообраќајот на патиштата во зимски услови.

(МИА)


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1