ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/9/21 9:20 AM

РЕК Битола проработе, Владата денеска треба да прогласи енергетска криза

РЕК Битола е ставен во функција и продолжува со производство на електрична енергија, соопштија од АД ЕСМ. Синоќа во три часот по полноќ Блок 1 бил синхронизиран со електроенергетскиот систем на државава и од компанијата додаваат дека продолжуват активностите за ставање во функција и на Блок 2. кој беше во ремонт. Се очекува, како што најавуваат, до крајот на неделата и оваа постројка да биде вклучена во енергетската мрежа.
Потсетуваат дека, на 5 ноември вечерта во 22.50 часот изби пожар во Блокот 3 во РЕК Битола, еден од двата блока со кои тогаш работеше Комбинатот. Пожарот се случил на изолатор на трансформаторот на Блок 3, надвор од електраната, при што немало повредени.

Инаку, Владата, според најавите, денеска на седница треба да прогласи кризна состојба во енергетскиот сектор и да одлучи како и колку средства од  буџетот ќе се дадат директно на енергетските компании, за да дистрибуираат континуирано струја.

Министерот за економија Крешник Бектеши пред неколку дена изјави дека Комисијата од ова министерство ќе и предложи  на Владата да прогласи кризна состојба во енергетскиот сектор, како и дека има средства за интервенција. Цената на струјата за домаќинствата, според Бектеши, до крајот на годината нема да се зголеми.

Тој додаде дека моментално не се предвидени рестриктивни мерки, но ќе се прогласи кризна состојба во енергетскиот сектор, за потребите на енергетските компании во земјата, вклучувајќи ги и ЕСМ и МЕПСО, со што ќе се интервенира и во увозот на струја. Средствата во висина од околу 100 милиони евра ќе се прераспределат од неискористениот фонд за справување со ковид пандемијата, што го потврди и министерот за финансии Фатмир Бесими.

На 30 октомври Владата ја донесе Уредбата за прогласување кризна состојба при недостиг на електрична енергија во земјава, во согласност со Законот за енергетика. Во Уредбата, како што информираа од ресорното Министерство, се определени и правата и обврските на учесниците на пазарот во услови на кризна состојба и се вклучени сите учесници на пазарот, а не како претходно само државните енергетски компании.

(M.T.)


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1