ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/8/21 7:01 PM

„Велев Господе чувај ме мене и бебето до крај, да земам чедо в раце“ – Јасмина Пелтековска, првата жена со цистична фиброза која стана мајка

Кога жената ќе стане мајка, станува лавица, кралица, царица. Се менува нејзиниот свет и пред неа е најважно само едно-детето. Таква една мајка-кралица е Јасмина Пелтековска (29) од Гевгелија, која е првата жена во Македонија, која станала мајка, а боледува од цистична фиброза. Јасмина пред десетина дена се породи и на свет донесе здраво женско бебе, кое ја крсти Валерија. И двете веќе ја напуштија болницата во Битола, се вратија во домот во Гевгелија и како што вели Јасмина, ги живее најубавите денови од нејзиниот живот. Толку е среќна, што на болеста воопшто не ѝ дозволува да ѝ ги преокупира мислите.

ММС ја контактираше среќната мајка, која ни рече дека воопшто не било лесно да ја издржи бременоста, но заради чедото кое сега го држи во раце вели – вредеше.

-Се породив на 21 октомври, помина сè во најдобар ред, се породив со царски. Бебето се вика Валерија, ова е мое прво дете. Верував во докторот и сè помина како треба. Со оглед на мојата состојба, состојбата со болеста, на дијагнозата,  бременоста не ми беше лесна, но сега веќе сè заборавив. Постојано бев под антибиотици и без нив јас немаше да ја износам Валерија. Останав бремена со инвитро, со сите процедури, таблетки… За среќа се погоди плодот од прво да се фати, да не се мачам. Искрено беа две бебиња ама едното не успеа, не преживеа. Сега му благодарам на Бога што ми ја даде Валерија. Инаку, без антибиотиците тешко дека сето тоа ќе ја издржев бременоста. Бремена останав во март, а веќе во април бев на редовна терапија 12 дена во болница и таму ми вклучуваа само антибиотик форте, само тој можеше за мојата состојба. Потоа следниот месец  правевме пауза, бидејќи од стабилизирав од терапијата и веќе од јули, следните три месеци нон стоп примав нешто. Во јули терапија, во август  примав сумамед, потоа примав трицеф, кои досега ги немав примано, во септември повторно заради терапијата лежев во Скопје во болница, но кога се вратив, за 20 дена јас повторно се влошив. Во октомври повторно почнав со терапии, инфузии, но во Гевгелија, не во Скопје и до породување постојано примав антибиотици. Значи од јули па до породувањето еден ден не бев без антибиотик. Тие месеци ми се чини ми беа смрт, вели среќната мајка.

Јасмина вели дека додека ги поминувала голготите со нејзината болест додека била бремена, не мислела на ништо, само и било страв  да не му наштети на бебето. Вели дека била свесна дека на бремените жени им препорачиуваат што помалку лекарства, но ова нејзиното било премногу.

-Со бебето сега сè е супер, се роди тешко скоро 2.900 килограми, а долго 49 сантиметри. Фала му на Бога нема ништо последица од тоа што примав премногу лекарства, ама јас заради мојата болест морав. Јас сè што ќе ми дадеа лекарства се консултирав и со гинекологот, да видам што тој ќе ми каже, дали ќе штети на плодот. Со секој лек што ќе ми го дадат јас се консултирав. Како растеше плодот, така беше се потешко.  Но, не можев да останам без терапија, многу кашлав и имав многу голем секрет. Се мачев да извадам секрет од мене.  Додека бев бремена тие секрети што ги узвадив од мене не сум ги имала во животот, откако ја имам болеста. Дење ноќе сум вадела по една ипол чаша секрет. Се породив и влажниот секрет го снема. Сега сакам да имам таков влажен секрет за полесно да искашлувам, ама немам. Мислам имам ама се мачам додека да извадам. А додека бев бремени ниту инхалации не ми беа потребни. Си велам што ти значи бременост, телото ти доживува промена, додава таа.

Кога веќе се знаел полот на бебето Јасмина и сопругот се мислеле какво име да му дадат. Јасмина пребарувала преку интернет и кога го видела значењето на Валерија, немала сосмнение дека тоа има ќе го носи нивната тогаш се уште неродена ќеркичка.

-За името Валерија се одлучивме заедно со сопругот Блажо. Гледавме имиња по интернет, не сакавме некое старомодно. На интернет најдов дека Валерија значи силна и храбра и кога го прочитав тоа на сопругот му реков, па Валерија беше силна и храбра цела бременост, заедно со мене издржа. Од мене претрпе инхалации, кашлање, антибиотици, што се и  затоа си реков му благодарам на Бога што не ѝ е ништо. Здрава и права. И токму заради тоа го ставивме тоа име, вели таа.

Јамина се бори со цистична фиброза откако знае за себе, од седумгодишна возраст. Вели дека на почетокот нејзините родители не знаеле со што се соочува таа, но подоцна и била дијагностицирана цистична фиброза и од тогаш почнале нејзините маки.

-Од седум години се борам, а сега имам 29 години. Бев мала и моите ми кажуваа дека сум имала течна столица по секое јадење, килажа никогаш не сум имала како што треба, сум била најслаба во одделение. Сум била како прачка. Никако не сум напредувал,а а постојано сум имала бронхит и воспаление на белите дробови. Нон стоп бев на инекции. Потоа еден лекар на моите родители им рекол- мислам дека детево има цистична фиброза. Ги пратил да ме однесат на испитување и ми направиле потен тест, кој веднаш покажал дека е тоа. Имам многу мака. Јас без инхалации не можам.  Инхалациите ми беа неопходни. Јадам, а не се поправам и кога почнав да ја примам терапијата веќе почнав да качувам на килажа. Кога ми ја дадоа терапијата јас веднаш се сменив. Цел живот сум со терапија, бидејќи без неа не можам никако, објаснува Јасмина.

Токму поради тоа Јасмина досега не можела да се оствари како мајка, а со сопругот Блажо се веќе седум години во брак. Но, и нејзината одлука да стане мајка преку вештачко оплодување не наишла на разбирање кај Блажо, бидејќи се плашел за нејзиното здравје.

-Со Блажо работевме заедно во една фирма. Во  врска бевме само седум месеци, кога ми рече дека неговите сакале да дојдат и да ме запросат. Но, пред да дојдеме до таа фаза јас му ја кажав целата вистина за моето здравје, дека секој ден морам да правам инхалациии, дека два пати во годината морам да одам на венска терапија. Кога се му раскажав за моето здравје ми рече дека за него тоа не претставува никаков проблем, дека се што треба да се прави ќе се прави. Навистина немавме никаков проблем. Блаже е прекрасен сопруг. Не изреагира како некои мажи дека ете болна сум па на тест да ја стави љубовта меѓу нас. Во брак сме седум години. Сите овие години се обидувавме да имаме дете, да останам  бремена по природен пат, но немаше шанси. Ја прашав мојата лекарка дали воопшто можам да останам бремена и таа ми рече- да, ама многу потешко. На тоа нам ни се јави надежта дека потешко, потешко ама  можеби еден ден ќе се случи. Но, поминаа години и не останав бремена. Кога се консултирав со друг лекар ми рече- кој ви кажал дека со цистична фиброза ќе останете бремена, нема  шанси природно, освен да пробате инвитро. Да знаев дека е така порано ќе направев инвитро. Порано имав и подобри бели дробови, помалку секрет, а сега не е исто. Да, годините ми се млади, 29 не е ништо, но болеста си го прави своето.  Блажо многу се плашеше за мене кога му реков дека сакам да направиме инвитро. Му беше страв да не ми се случи нешто. Беше согласен и да немаме деца, само да е сè во ред со мене. Но, јас не се откажав. Му реков ќе направам ин витро па ако треба нека е последно за мене.  Му  реков дека сум решена, дека никој не може да ме спречи, па што сака да биде нека биде.  Некако ми дојде сила кога ја  донесов одлуката и како-така со Валерија истуркавме девет месеци со сите препреки. Го разбирам Блажо и неговиот страв да не се случат некои компликации. Па тој и сега за породувањето многу се плашеше, како ќе поминам. Но, јас отидов насмеана, му реков дека не се плашам, со две нозе во оган влегов и нема назад, вели Јасмина и додава:

– И така е. Ако не си решителен за нешто нема да го направиш.  Јас и за секоја работа сум така. Мислам дека човек ако нешто реши и Господ ќе му помогне.  Ако се мислев, ако се плашев ништо немаше да направам, а времето ќе си поминуваше. За се сум решителна јас, не само за ова. И насмеана. Тоа го забележаа и докторките кога ќе одев на терапија. „Ти си нон стоп насмеана, многу си позитивна и така гледаш на болеста“, ми велеа докторките. Ама навистина јас не гледам негативно на болсета. Ја имам да, ама тоа  не значи дека јас треба да паднам во депресија. Сама си давам кураж и си велам ако денес сум лошо утре ќе бидам подобра, вели Јасмина.

Кога се сака не е тешко, им препорачува Јасмина на жените кои се наоѓаат во нејзната и слична ситуација, жените кои  поминуваат низ овој и сличен проблем, а сакаат да се реализираат како мајки.

-На сите жени сум рекла дека не треба да се плашат, да бидат решителни и ќе успеат. Навистина досега со оваа болест никоја се нема решено да оди на ваков чекор. По породување, после царскиот лекарот нон стоп доаѓаше да ме посетува и да ме прашува како се чувствувам со здравствената состојба и да ми честита за храброста. А навистина колку има во Македонија со оваа болест, но не се нафаќаат на овој чекор. Не се предавам, што и да дојде. Не ѝ дозволувам на болеста да ме кутне, туку цврсто се борам со неа. Затоа мојата препорака до сите жени е да не очајуваат, да бидат решителни. Дека не е лесно да се издржи, не е, но има лекари кои може да помогнат девет месеци да износиш едно бебе. Јас не бев оставена сама на себе. А се може да се случи. На пример ако се влошам и да нема лек, ќе треба абортус, па потоа психички ќе паднеш, уште повеќе ќе се разболиш. Еве јас имав многу секрет, многу се измачив, но тоа не значи дека и другите ќе се така, можеби кај нив нема да има толку многу. Организмите се различни, затоа никој од ничиј пример не треба да зема. Сите се различно.  Имаме група со членови со вакви болести и на сите им посакав во рацете да си држат чедо, да им даде Господ. И да бидат решителни. И да мислат позитивно на животот, за болеста, за се. И да веруваат на докторот, бидејќи јас на мојот комплетно му верував, вели Јасмина.

Таа не може со зборови да ги опише двата моменти најважни за нејзиното мајчинство, денот кога дознала дека е бремена и денот кога првпат ја земала Валерија во прегратки.

-Цело време тоа го мислев. Кога ќе ми се влошеше состојбата ќе почнев да плачам, не дај Боже нешто да се случи на бебето. Стравот беше голем, исто колку што беше голема и надежта. Постојано се молев, само велев Господе чувај ме и мене и бебето до крај, да го износам, да си бидам среќна, да видам и јас во раце бебе, да се почувствувам како мајка, да си бидеме семејство, да не бидеме сами со Блаже. Кога го видов тестот за бременост со две цртички скокав од радост. Цела бременост молев да не се влоши. Кога ќе ми дадеа венски антибиотици јас сто пати ја прашував лекарката како е. Реков не дај Боже да се случи, јас попрво ќе умрам отколку на бебето нешто да му се случи.   Не сакав да се помирам со фактот да се случи нешто лошо. Но, постојано си одев на контроли и се беше како треба. А кога првпат ја земав во раце Валерија само си реков: „Златен Боже, дојде време и јас да станам мајка, да почувствувам чедо во раце“.  Се здробив од плачење во болница од среќа. Уште на интензивна кога бев, кога ми ја донесоа. Тоа беа моменти кога јас и заборавив дека сум болна, дека има сериозна болест. Се заборавав. Господ  ми ја даде Валерија, а штом ми ја даде и јас не се давам. Ќе се подобрам уште повеќе, бидејќи додека бев на интензивна не правев ихалации, вели јасмина а на дговорните им порача:

-Моите маки сакам да ги видат министрите за здравство, кој и да е. И тие што биле не направиле ништо, до ден денес. Да видат дека и нам ни е потребен лек како кај болните во другите држави. Навистина е неопходен лекот за цистична фиброза, бидејки луѓето од други држави што го користеле  веќе на цистичната фиброза и рекле- збогум. А ние уште се мачиме со инхалации, со искашлување, со 300 обврски околу болеста. Срамота е. Гласни сме, зборуваме ама никој не сака да слушне. Кај нас велат дека трикаста, орканди и уште еден, му го заборавив името, според секоја мутација оди и лекот, ги нема. Се мачиме, а малку треба за да имаме нормален живот и да бидеме среќни, додава таа на крај.

Вања Мицевска

Фотографиите се објавени со дозвола од родителите

 

 

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1