ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/8/21 4:02 PM

Американски инструктори ќе ја обучуваат Лесната пешадиска баталјонска група во штипската касарна

Од денес започна обуката на припадниците на Лесната пешадиска баталјонска група, армиската НАТО единица , во Штипската касарна „Јане Сандански“. Ќе ја вршат американски инструктори од 4-тата Бригада за поддршка на безбедносните сили.

Почетокот на обуката беше повод касарната да ја посетат Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска и Амбасадорката на САД во Македонија, Кејт Мари Брнз.

„Ова е првпат американската армија да ја ангажира бригадата за поддршка на безбедносните сили во Европа. Во процесот на размислување на високите лидери каде најдобро да се ангажира бригадата за поддршка на безбедносните сили (СФАБ), не е изненадување што една од петте земји што ги избраа беше Северна Македонија. Ова е клучно време бидејќи сите вие поминувате низ историска воена модернизација и трансформација за да ги исполните Целите на способности на НАТО. Сепак, што е уште поважно, тоа е одраз на извонредната репутација што ја имаат офицерите, подофицерите и војниците на Северна Македонија како подготвени, волни и способни партнери,“ изјави во своето обраќање, Амбасадорката Брнз

„Националната гарда на Вермонт се обучува и се распоредува заедно со вашите војници веќе 28 години. Покрај финансирањето на модернизацијата на опремата, САД има испратено илјадници офицери и цивили од Северна Македонија во нашите воени училишта. Тој тип на учење и обука лично и едни покрај други, како што е случајот и со тимот  за поддршка на безбедносните сили денес тука, значително придонесува за зголемена интерооперативност и успех.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска рече дека суштината на Алијансата, е сојузници кои без задршка, бескомпромисно си помагаат едни на други, заеднички да растат, да се развиваат, да бидат подобри, да бидат пообучени, повешти и да гарантираат повеќе безбедност.

Четвртата бригада за асистенција на безбедносните сили на САД е, додаде таа, вежбана, тренирана, обучена, за да го пренесува своето знаење на сојузничките армии, а вештините кои ги поседува овозможуваат долгорочна соработка и со други единици од составот на Армијата и токму затоа  еден дел од тимот ќе влезе во нашиот инженериски баталјон, каде исто така ќе може да го пренесат своето знаење и воени вештини.

„Лесната пешадиска баталјонска група е нашата Нато лична карта. Нашата Нато единица ќе биде подобра и поуспешна и поради вашите залагања. До припадниците на овие наши најважни единици, бидете отворени и учете од најдобрите. Прифатете ги вашите американски колеги како дел од семејството и во следните неколку месеци покажете колку убава земја имаме, дека имаме и знаење и вештина и храброст со која може да се пофалиме,“ порача Шекеринска.

На свеченоста се обрати и бригадниот генерал Бесник Емини, командант на Командата за операции при Армијата.

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1