ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/8/21 10:00 AM

За пуштање во погон на ТЕЦ Неготино државната каса треба да се „олесни“ за 850 милиони евра! Ќе се најдат ли толку пари?

Недостигот од струја во земјава ги алармира сите расположиви енергетски капацитети. Во исчекување на нови количества на јаглен од увоз за РЕК Битола и за ТЕЦ Осломеј, со цел да се зголеми домашното производство на струја, како и официјалното прогласување на енергетска криза во вторник, според најава на Владата, во погон ќе се пушта и „ладната резерва“ ТЕЦ Неготино, како што посочија деновиве од АД ЕСМ.
За да произведува струја за домашни потреби, за ТЕЦ Неготино ќе треба од државната каса да се искешираат приближно 850 милиони евра !. Бидејќи се потребни 1,2 милиони тони мазут, според најавата на АД ЕСМ, од каде информираа дека се во: „Постојана комуникација со Владата и со ТЕЦ Неготино, со цел стартување на термоелектраната, со поддршка на ЕСМ за 1,2 милиони тони мазут“.
Според моменталната цена на килограм мазут, како што објави РКЕ на 1 ноември, максималната цена на килограм мазут изнесува 42,1 денари. Тоа значи дека еден тон чини 42.000 денари (700 евра), и за да се снабди ТЕЦ Неготино со 1,2 милиони тони мазут, ќе треба да се искешираат над 840 милиони евра !!!.
Надлежните засега не обелоденуваат од каде ќе се набави мазутот, како ќе се обезбеди оваа значителна сума на пари и дали во буџетот се планирани вакви трошоци.
Така, „ладната резерва“ во македонскиот енергетски систем, кој повеќе од десет години не се пушташе во употреба поради скапиот мазут, оттаму и скапата струја што ќе ја произведе, почнува да се „стоплува“. Поради енергетската криза која се повеќе не притиска и недостигот од струја за домашни потреби, деновиве е вклучен само еден котел од термоцентралата, поради минималните резерви на мазут во државава, кои ги има за само еден месец, и тоа од стоковите резерви.
Со активирањето на ТЕЦ Неготино, како да паѓаат во вода сите досегашни најави на Владата дека капацитетот ќе се продава или ќе се инвестира во него, за да се пренамени производството на гас, наместо на мазут.
Минатата година во декември Владата го задолжи АД ЕСМ да започне постапка за изработка на физибилити студија за јавно приватно партнерство (ЈПП) или за продажба на ТЕЦ Неготино, но досега нема никакви официјални информации до каде е процедурата.
Според усвоената Стратегија за равој на енергетиката до 2040, која Владата ја донесе минатата година, се избра зеленото сценарио. Тоа значи, постепено намалување на капацитетите на јаглен и на мазут за производство на струја, а отворање на се повеќе електрани од обновливи извори на енергија, сонце, ветер и вода. На тоа државава се обврза и пред меѓународните институции, со цел да се намали високата загаденост на воздухот и на почвата. Владата уверено посочуваше и дека до 2024 година, над 50 отсто од вкупната инсталирана електрична моќност во нашата држава ќе биде од обновливи извори на енергија, со нови производни капацитети на електрична енергија од ОИЕ и со интерконекции за гас на државава со нашите соседи. Паралелно со тоа, да се намалат и емисиите на штетни гасови од сегашните енергетски извори за преку 20 осто.


Исто така, после ланските парламентарни избори, тој состав на Владата најави дека во првите 6 месеци од новиот мандат, ќе се објави тендер за модернизација и трансформација на ТЕЦ Неготино, во постројка која ќе користи природен гас за производство на струја, идеја што се засили последниве години со отпочнување на изградбата на гасоводот од Клечевце до Неготино. Многу очигледно дека енергетската криза ќе ги одложи за подолго време сите овие досегашни планови.
Инаку, ТЕЦ Неготино е втор електроенергетски објект по големина во земјава, со производствена моќност од 195 мегавати и максимална моќност од 215 мегавати.
Термоцентралата, која работи од 1978 година, дневно може да преработи 1.200 тони мазут и од него за 24 часа да се произведат 4.680 мегават-часови електрична енергија. Со тоа може да се задоволат дури 20 отсто од македонската потрошувачка на електрична енергија.
Бидејќи цената на мазутот е висока и произведената цена на струјата од оваа централа е нерентабилна. Најчесто, дури и самиот увоз на електрична енергија е поевтина варијанта за снабдување со струја отколку користењето на ТЕЦ Неготино, објаснуваат енергетски експерти. Затоа, централа се чува како „ладна резерва“ и работи само по потреба и во исклучителни ситуации.
Сепак, и покрај тоа, во ТЕЦ НЕготино се вработени над 200 лица за одржување на капацитетот, за што за неа дневно се двојат 10.692 евра од буџетот, односно годишно околу 2,8 милиони евра

Маја Томиќ

Фото: Википедија

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1