ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/6/21 12:51 PM

(ВИДЕО) Нема да учествуваме во мнозинството на Мицкоски, ако треба ќе бидеме опозиција

„Mожни се пресврти, бидејќи работите се движат како на филмска лета во Македонија, сите опции се отворени, се е можно, како пред неколку денови сите партии од парламентарното мнозинство дадоа „беса“ дека остануваат во парламентарното мнозинство, вклучително и партијата БЕСА“, изјави Павле Трајанов претседател на Демократски сојуз во емисијата “Стадион“ во Радио Канал 77.

„Претставниците на БЕСА беа најсилни во ставовите дека треба да продолжи, вклучително имаше настојувања од нив и од ДУИ и од другите партии да продолжи мандатот на Зоран Заев,  а тој остана категоричен дека треба да се повлече. Можни се пресврти.  Јас не знам до денеска или до понеделник што ќе се случува, работите се менуваат многу брзо. Но во секој случај со изјавата на Зоран Заев дека се повлекува, во основа се дестаблизираа состојбите, политичката состојба во Македонија впечатокот е дека ќе има рефлексии врз општата стабилност, можни се рефлексии  врз кохезијата помеѓу етничките заедници во државата, ќе се нарушат евроинтеграциските процеси, така што навлегуваме во една кризна состојба со тешки последици кои што на крај тие состојби ќе ги плаќаат граѓаните“, вели Трајанов.

Тој е на став  дека треба да се одржи средба помеѓу сите релевантни политички партии и да се дефинираат правците како да излеземе од оваа криза.

„Не ги спорам сите легитимни, демократски средстава за некој да дојде на власт, вклучително преку ново парламентарно мнозинство, но треба да водиме сметка дека и досега не беше функционален парламентот, многу тешко се работеше, камоли во иднина бидејќи тој процес на усогласување, пазарење на меѓусебни отстапки ќе продолжи и затоа сум против овој трансфер на пратеници. Тие што мислат дека тоа е логично, нормално етичко однесување, дека така треба да постапуваат, меѓутоа граѓаните ќе ценат, јас го кажувам ставот на Демократскиот сојуз“, изјави Трајанов.

Демократски сојуз е на став дека нема да учествуваат во политичка влада со ново парламентарно мнозинство, туку ќе се позиционираат како опозициона политичка партија. Трајанов вели сигурно треба нов процес, нови избори, ново усогласување за соработка со други политичи партии.

„Јас сум за лидерка средба на која ќе се дефинираат стратешките интереси на државата, понатаму каква влада ќе се формира, преодна влада, техничка, пржинска која што ќе има мандат да ја држи стабилноста на државата, да продолжи со најважните реформски процеси, да не ни ја затворат и натаму вратата за отпочнување на преговорите со ЕУ бидејќи има силни најави дека тоа ќе се случи во декември. Но независно од сите овие работи, велам мора сите овие интитуции да функционираат со полн капацитет, да преовладува разумното рационално однесување на сите лидери на партии, па и граѓаните во целина со цел да ја задржиме стабилноста на државата. Важно е како сето тоа ќе се одрази на бизнисот, стопанството, пандемијата, енергетската криза и многу други аспекти битни за перспективата на Македонија и како и на кој начин ќе се одвива целокупниот живот во оваа држава“, вели Трајанов.

Тој смета дека сега се работи за непринципиелните коалиции, кои немаат исти стратешки цели.

„Едни таму се за ЕУ, други се за Русија, трети за Кина и итн. Таму имаме една кохабитација помеѓу сите овие структури кои се крајно непринципиелни и не е во интерес на Македонија. Но ДУИ е долго време на власт, и мислам дека кредибилитетот го топеше и ДУИ на СДСМ веројатно и на другите партии, но тие пак имаат најголема поддршка од гласачкото тело“, истакна Трајанов.

Г.Д


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1