ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/9/21 1:29 PM

Шилегов замина ама не го остави Скопје неукрасено за Нова Година – „Линк Медиа“ за 250.000 евра ќе ја „светне“ метрополата

За петнаесетина дена Скопје ќе блесне во новогодишните бои со украси вредни речиси 250.000 евра. Сега веќе бившиот татко на градот, Петре Шилегов, само три дена по поразот во вториот круг од локалните избори, потпишал договор со старо-новата фирма „Линк Медиа Плус“, која речиси секоја година ја украсува метрополата за новогодишните празници.

Договорот вреден 244.000 евра  е склучен на трети ноември, а според условите  „Линк Медиа“ треба да го украси градот до 20-ти ноември.  Потпис на него ставил Петре Шилегов, и Ѓорѓи Вуков,управител на компанијата.

Покрај Плоштадот на кој треба да блесне елка висока 20 метри, фирмата е обврзана со украси и светлосно декорирање  „во духот на модерното време и живеење, со високи естетски,уметнички и ликовни ефекти“ да го украси централното градско подрачје. Покрај плоштадот и Улица Македонија ќе светнат и уште 17 улици и булевари низ центарот на главниот град.

Според договорот објавен на Бирото за јавни набавки, годинава во оваа сума не е предвиден огномет. Лани Шилегов повисокиот износ кој Градот го плаќаше на „Линк Медиа“ го правдаше со украсувањето на повеќе булевари од претходно и впечатлив огномет за најлудата ноќ.

Фирмата „Линк Медиа“ со години ги добива тендерите на Град Скопје за новогодишно украсување на главниот град. И годинава таа била единствена која доставила понуда на јавниот повик.

Ако пред пет години тоа го правеше за пониски износи, последните години цената за декорирањето расте, па достигна речиси 250.000 евра. Покрај главниот град, компанијата ги добиваше тендерите за новогодишно украсување и на дел од скопските општини, но и на други градови низ земјава.

(А.С.)

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1