ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/9/21 8:00 PM

Со лошата исхрана сами си се уништуваме – Со Маја Велковска, нутриционист, за улогата на храната во градењето силен имунитет при пандемија

Како преку исхраната да си помогнете во градењето појак имунитет, кој е клучен во борбата со актуелниот коронавирус – ова е темата на која за читателите на ММС, совети дава нутриционистката, Маја Велковска. Своите сознанија таа ги преточи во Водичот за исхрана за здрав имун систем и исхрана при болеста ковид-19 и постковид исхрана, а во најновото интервју за Македонски медиа сервис посочува на клучните препораки и информации.

Како функционира имуниот систем и која е неговата улога во психофизичкото здравје?

-Имуниот систем е многу комплексен систем, па така и начинот на кој што функционира е навистина интересен и сè уште не е до крај познат. Улогите на имуниот систем се многубројни, нам најпознат ни е делот во кој што имуниот систем нè брани од разни вируси, бактерии и останати патогени микроорганизми, но имуниот систем всушност е одговорен и за многу други нешта – како што се: уништување на малигни клетки и превенција на настанување на канцерогени болести, репарација на оштетени ткива и органи, неутрализирање/елиминирање на одредени токсични супстанци итн. Всушност имуниот систем е тука, за да не одржи здрави и живи.

На кој начин имунитетот е поврзан со исхраната? Дали со нездрава храна може да го влошиме и обратно, дали преку здравата го зајакнуваме имунитетот?

-Секако дека постојат многу фактори кои што влијаат врз работата на имуниот систем, но постоењето на други фактори, не го исклучува фактот дека да, и исхраната има големо влијание во работата на имуниот систем. Наједноставно кажано – преку здрава и избалансирана исхрана, го обезбедуваме нашиот организам со сите нутриенти што им се потребни на сите органи/систем во телото за да функционираат оптимално, вклучувајќи го тука и имуниот систем, а со несоодветна исхрана, прво не внесуваме сѐ што му е потребно на телото, а второ внесуваме и штетни супстанци кои се дополнителен товар како за имуниот систем така и за другите органи и системи кои што треба да се справат со тие штетни супстанци.

Што претставуваат имуномодулаторите и како на природен начин да постигнеме имуномодулаторен ефект? На што треба да внимаваме?

-Имуномодулатори се супстанци кои што го модифицираат имуниот одговор, т.е. на некој начин влијаат/ја менуваат работата на имуниот систем. Имуномодулаторите и имуностимулаторите се многу широка тема, и опфаќаат многу супстанци, природни и синтетички, и сѐ нешто што треба да се употребува соодветно и што не треба да се злоупотребува. Пример за имуномодулатори се витамин Д и бета глукан. На наједноставен начин кажано – нивната задача е да му помогнат на телото да даде најсоодветен имун одговор, кој ќе може да се справи со непријателот, но нема да нанесе голема штета на здравите ткива во телото. Нивна задача е на некој начин да му помогнат на имуниот систем да работи паметно и ефективно. Најдобар „природен имуномодулатор“ кој што може да се користи постојано е здравиот начин на живот и здрава исхрана (која што и самата содржи имуномодулаторни супстанци), додека имуномодулатори во суплементарна форма – треба да се користат само по совет од стручно лице и само доколку има потреба од тоа.

Како е најдобро да се приготвува храната и дали треба да се внимава на тоа да се јаде сирова, печена, пржена или варена?

-Овошјето и зеленчукот кај здрави лица секогаш треба да се застапени во свежа форма, а може плус да ги имате и во зготвена варијанта. Исто така и другите намирници кои што се јадат сирови (јатки, семки…) се подобри доколку се користат во сирова форма. Кога станува збор за готвење на храната, варената храна и храната печена на пониски температури, па и краткото пропржување, се подобар избор од подолготрајно пржење на високи температури и во големи количини на масло, и од препечување на храната. Кога станува збор за употреба на масла при готвење на храната, тогаш може да се каже дека рафинирано сончогледово масло е најлошиот избор, во било кој случај.

Маслиновото масло може да се користи сирово, но може да се користи и за готвење. Кога се готви со него, добро е да се додава на крај и да не се готви на високи температури, за да се задржат што повеќе од корисните состојки. Готвење во маслиново масло, не е штетно, маслото нема да се претвори во „супер штетна“ супстанца, туку единствено може да изгуби помал или поголем дел од корисните состојки. Путерот може да се користи за готвење повремено, но треба да се има на ум неговиот ефект врз нивото на холестерол во крвта и фактот што тој е животинска маст и содржи претежно заситени масти.

Во Вашиот прирачник посветувате внимание и на приготвувањето на морковот, па како да го комбинираме него со масло? Какво масло да користиме, по колку моркови да конзумираме дневно, а да не дојде до презаситување на организмот од овој тип зеленчук?

-Морковот е одличен извор на бета каротен (провитамин А), а кога тој ќе се искомбинира со извор на масти – тогаш се подобрува апсорпцијата на бета каротенот. Не мора секогаш мастите да се во форма на масло, едноставно комбинацијата може да се состои и од свежа салата со зеленчук, морков и неколку лажици јатки/семки. Ако се користи во форма на сок, тогаш може да се додаде малку маслиново/ленено масло во сокот. За да не дојде до презаситување на организмот, со било кој зеленчук, едноставно треба да се фокусираме на разновидна исхрана и тогаш нема да има шанси за предозирање со одреден витамин, минерал итн. Нема потреба да се јадат повеќе од 1-2 моркови дневно и исто така нема потреба да се јадат секојдневно, бидејќи постојат и многу други зелнечуци/овошја кои се добар извор на провитамин А.

Меѓу Вашите препораки се споменува терминот интермитентен пост. Што претставува тоа и кои се придобивките од него?

-Интермитетен пост означува период во кој не внесувате храна (може да внесувате течности). Вообичаено за период на пост се смета периодот од последниот оброк денес, до првиот оброк следниот ден (тука се смета и времето кое го поминувате во спиење). Здравствените придобивки од интермитентниот пост сè уште се истражуваат, но и сега имаме доволно докази со кои можеме да го поддржиме практикувањето на интермитентен пост, кај здрави лица. Некои од здравствените придобивки на интермитентниот пост се: баланс на нивото на инсулин во крвта, овозможување на некои обновувачки клеточни процеси, покачување на нивото на хормонот на раст, поттикнување на експресијата на некои гени кои се поврзани со долговечноста, може да ви помогне во слабеење, може да ја намали инсулинската резистенција, може да го намали оксидативниот стрес и воспалителните процеси во телото, може да ви помогне во одржување на здравјето на срцето и мозокот и можно е да го намалува и ризикот од појава на некои видови на рак, некои невродегенеративни болести и кардиоваскуларни заболувања.

Како да ги намалиме штетните површински хемикалии во овошјето и зеленчукот? Од почетокот на пандемијата некои луѓе почнаа да ги ставаат плодовите во вода со сода бикарбона, што мислите околу ова? Дали е потребно и корисно?

-Да, дел од површинските хемикалии, може да се отстранат со помош на миење/потопување на свежата храна, во раствор на сода бикарбона, во раствор на сол, или во раствор на оцет. Доколку не сте сигурни дека намирниците се органски, тогаш да, може да се користи овој метод, кој што е корисен, но не е потребен во секој случај. Јас најчесто го користам за зелените листести зеленчуци – марула, спанаќ итн, додека за зеленчуците и овошјата кои што ги лупите, нема некоја голема потреба од применување на овој метод на чистење на свежите намирници.

Повеќе студии ја потврдија важноста на витаминот Ц во борбата за појак имунитет, а познато е дека него во изобилие го има во цитрусното овошје. Кои се Вашите препораки во оваа насока, дали да се пие секој ден цеден сок од лимон и портокал? Каква би била тука улогата на грејпфрутот и дали тој би можел да го намали влијанието на терапијата со лекови кај луѓето кои веќе се ковид позитивни?

-Секој ден треба да се внесуваат свежи намирници кои што се богат избор на витамин Ц, но тоа не значи дека секој ден треба да се внесуваат свежо цедени сокови. Свежи пиперки, киви, шипинки, брокула и многу други зеленчуци и овошја, се исто така одлични извори на витамин Ц, така што едноставно внимавајте на тоа да внесувате доволни количини на свеж зеленчук и овошје и стремете се кон разновидна исхрана, наместо кон внес на еден ист продукт секојдневно и во поголеми количини. Ефектите на грејпрутот и на сокот од грејпфрут врз метаболизмот на многу лекови е добро познат и документиран, така што за да останеме на безбедната страна, најдборо е да се избегнува внес на поголеми количини на сок од грејпфрут или грејпфрут, при користење на одредена терапија, или барем да не внимава на тоа – ова овошје да не се користи набрзо пред/по внесот на терапијата. Секако, дефинитивно не треба да се користи секојдневно од страна на лица кои што примаат моментална или хронична терапија.

Со заразата со коронавирусот актуелни станаа антибиотиците. Кои се Вашите препораки за луѓето кои се на терапија со антибиотик, како на природен начин да внесат пробиотик?

-Природни извори на пробиотици се: природно ферментирана кисела зелка, природно ферментирани други видови на зеленчуци, кефир, пробиотски јогурт и останата природно ферментирана храна. Мислам дека најлесен начин и најпрактичен начин за внес на природни пробиотици, е подготовка и користење на домашен млечен или воден кефир (или комбинација од двата), но во овој период од годината веќе станува актуелен и природно ферментираниот зеленчук кој што исто така е одличен извор на пробиотици.

 

Вања Мицевска


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1