ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/4/21 2:32 PM

Бугарското МНР да ги објави македонските политичари со бугарски пасош, предлага историчарот Светлозар Елдеров

За да не се злоупотребува бугарското државјанство за политичка борба, историчарот Светлозар Елдеров од Институтот за балканистика на Бугарската академија на науките предлага Министерството за надворешни работи во Софија да ги објави имињата на оние општествени или политички дејци во Македонија кои навистина имаат бугарски пасоши.

Повод за неговиот предлог се обвинувањата во кампањата за локалните избори во Северна Македонија, односно кога владејачката партија СДСМ обвини дека новата независната кандидатка за градоначалник Данела Арсовска која во неделата победи на изборите, имала бугарско државјанство и документи со адреса на живеење во Петрич.

„Во случајот со  Данела Арсовска  беа покажувани некакви лични карти и таму едната страна одрекуваше, а другата инсистираше. Мислам дека нашите власти не можат да ја остават без последици таа шашма со симболите на бугарската државност. Во практика, или е вистина, или е лага. И во двата случаја бугарското министерство мора да направи нешто. Политичките лидери за кои се говори некаде јавно, а некаде неофицијално – дека имаат пасоши – треба или сами да излезат и да кажат, или бугарското Министерството за надворешни работи да го направи тоа наместо нив. Бидејќи, да си Бугарин и да имаш бугарски пасош и  бугарско државјанство,  кога законот тоа го дозволува, не е конспирација, туку чест, достоинство и законско право“, потенцира Елдеров во интервју за бугарското Радио „Фокус“ кое го пренесе Дојче Веле.ж

Елдеров смета дека бугарското МНР треба да излезе со листа која е многу поширока и да ги опфати сите македонски лидери, политичари, новинари кои се активни во јавниот простор во Македонија и имаат бугарска лична карта.

„Последните локални избори во Република Северна Македонија за нас би требало да бидат нешто како откровение, кое потполно го разобличи лицето на сите, на тамошната политичка класа. Зашто тој, кој обвинуваше и го нарекуваше бугарскиот пасош ‘компромитација’, доаѓаше во Бугарија, се сликаше пред спомениците, се прегнуваше со нашите политичари и со тогашниот премиер. И ова нема да избледи толку лесно“, вели Елдеров.

Извор: Дојче Веле

Фото: БГНЕС, Вангел Тануровски

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1