ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/4/21 12:07 AM

Оживеаја спомените од игранки, банкети и концерти – Официрскиот дом во Битола по 10 години повторно ги отвори вратите

После скоро деценија, вечерва беа отворени вратите на Офицерскиот дом во Битола. После долго време, внатрешноста се осветли и во една од најакустичните сали на Балканот и пошироко повторно се слушнаа звуците на музиката.

Отворањето на реконструираниот Офицерски дом беше по повод 77-годишнината од ослободувањето на Битола, празникот на градот 4-ти Ноември. Малубројните гости кои вечерва беа присутни на свеченоста организирана од Општина Битола заради ковид протоколите, можеа да ја видат реновираната внатрешност на ова историско здание, но и да се потсетат на безбројните игранки, концерти, манифестации, банкети, матури кои се случувале пред повеќе децении. Офицерскиот дом во Битола пред 6 години беше руина, дувло со искршени врати, прозорци, а грандиозниот лустер во 2016 година беше уништен.

Во 2020 година од страна на Општина Битола со помош од ЕУ и Светската банка започна процесот на комплетна реконструкција на зградата која датира од 1909 година.

Градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, пред заминувањето од функцијата, вечерва рече дека на 77-годишнината од ослободувањето на Битола, најубавиот подарок за битолчани е токму Офицерскиот дом.

-Ова беше печат на мојот мандат, врзана сум за овој објект уште пред да станам градоначалник, тоа е нешто што најсрдечно можев да го дадам на празникот на нашиот град, рече Петровска и најави дека Офицерскиот дом утре ќе биде отворен во текот на целиот ден за да можат битолчани внатре да влезат, да разгледааат и да се фотографираат.

Нејзиниот наследник на градоначалничката функција, Тони Коњановски, кој вечерва беше присутен на свеченоста, рече дека убаво се чувствува во овој амбиент и дека неговите спмени од детството се навратиле кога влегол повторно. Најави дека општината ќе му даде добра намена понатаму, а заштитата ќе остане, затоа што Офицерскиот дом е симбол на Битола, рече Коњановски.

Вечерва, се додели и наградата за животно дело на Општина Битола „4-ти Ноември“ на битолскиот, но и светски актер, Петар Мирчевски.

 

Маја Богдановска

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1