ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/3/21 7:15 PM

„Не се откажав ниту кога ја изгубив косата, ниту кога ослабев 24 килограми“ – Ана Брзанова од Гевгелија го победи ракот и стаса до финалето на светски избор за убавина

Гевгеличанка Ана Брзанова (21), апослевент на економскиот факултет, деновиве интензивно работи и се подготвува за финалната вечер за изборот на Miss Earth кој требаше да се одржи во Филипините, но поради ковид пандемијата ќе биде онлајн. По пауза 15 години таа ќе биде првата Македонка која учествува на еден светски избор на убавица благодарение на титулата Miss Earth на Македонија на балканскиот натпревар што се одржа во БиХ летово.

Се опишува како скромна и борбена личност, која руши животни бариери со мотото ,,Никогаш не се откажувај’’. Без поголема поддршка од заедницата, државата,  таа деновиве наоѓа средства, сили и изработува видеа на повеќе локации со кои  ја покажува својата убавина, своите способности и квалитети пренесувајќи силни пораки до меѓународното жири на Miss Earth, а на тој начин ја преставува  Македонија.

,,Вкупно 90 кандидатки од целиот свет сме на изборот на Miss Earth, еден од трите најпрестижни избори на убавици во светот. Заради пандемијата сите случувања се онлајн. Секоја кандидатка праќа видеа во различни сесии,  тргнувајки од кежуал, спортска и свечена облека. Паралелно ги покажуваме наши квалитети преку танци, пораки, акции. Те оценуваат како севкупна личност не само по убавината. Се трудам во најдобро светло да ја преставам Македонија бидејки ми преставува задоволство“, ни кажа Брзанова која во животот се изборила со една од најтешките битки во животот.

Пред три години кај Брзанова, лекарите констатирале карцином на лимфните жлезди. Мислела дека имала болки во грлото, но со испитувањата  и после шест месечна голгота по болницте се соочила со суровата реалност – рак! Но, не се откажала. Не се откажала и кога ослабела, ниту кога станала анорексична и ја изгубила косата и тоа во моменти кога почнала интензивно да се занимава како модел и личност која почнала да чекори по модните писти.

,,Беше дефинититно тешка битка  за која дури лекарите  беа скептични . Бев во трет стадиум од болеста и беше тоа шок за мене и моето семејство, но одлучив да се борам. Се борев и со  самата хемотерапија во која бев алергична на најважниот лек. Не се откажав ниту кога ја изгубив косата, ниту кога ослабев 24 килограми, кога станав анорексична. Верував дека ќе успеам во таа битка и дека животот е пред мене и мора да продолжам. Не се откажав и фала Богу сега сум тоа што сум, но поминав една добра животна лекција и треба да го цениме животот и да се бориме постојано. Затоа велам-никогаш не се откажувај“, вели Брзанова која тврди дека во тие моменти психички не пандала и трезвено размислувала дека мора да продолжи со животот и да се бори.

Во тие тешки моменти подршката ја добивала од своите најблиски, иако често таа била најсилната па морала да ги теши сите околу неа, свесна дека со плачење и сожалување нема победи и освојување на нови височини. Успеала да се избори против ракот и да сврти нова страница, да продолжи со школувањето но и да се врати на модните писти.

Младата убавица од Гевгелија е носител на титулата „Top Models of the World 2020“ на изборот во Хургада Египет . Тогаш во конкуренција на 45 учеснички Ана Брзонава ја освои титулата на Топ модел со најдобра вечерна тоалета како дел од програмата за настап на секоја од учесничките на овој натпревар на кој победи преставничката на Шпанија. Била дел од изборот на Мис Глоуб, но и на годинашниов избор на убавица во Босна која и го отвори патот за Miss Earth.

Сака брза храна, кока кола без шеќер, место книга претпочита добар филм. Сака нови пријателства, но и нови предизвици да ја презентира Македонија со сите свои убавини. Верува дека ќе успеее и на светскиот избор и дека ќе се најде во топ 20 најубави девојки, но сака и да ја пренесе пораката до сите да не се откажуваат од своите соништа.

Ване Трајков

 

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1