ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/3/21 2:41 PM

Сите во паника, а Владата лабава! Мерки за енергетска криза нема, само документите се спремни ако дојде?!

Светските економии се тресат од енергетската криза предизвикана од растот на побарувачката на струја, со заживување на економиите, од една, а недоволното производство на електрична енергија и на други енергенси во пост ковид периодот, од друга страна. Истовремено е ограничен пристапот до природниот гас чија цена на европскиот пазар се зголеми за околу 400 нотсто во однос на лани. Берзите предвидуваат цената на суровата нафта уште да расте и да достигне над 120 долари за барел, што ќе повлече поголем раст на сите цени. Енергетската криза, според експертите, ќе трае најмалку до крајот на првата половина од наредната година.
Речиси сите земји преземаат мерки за ублажување на ударот, како врз компаниите, така и врз домаќинствата, како што е фиксна цена на горивата, намалување на акцизите и слично. Нашата Влада, иако сите цени скокнаа за најмалку 20 отсто, а компаниите најавуваат нови покачувања, досега не покажува знаци на паника, за разлика од граѓаните и фирмите. Сите досегашни изјави се во насока дека „ќе се преземат сите неопходни мерки за редовна снабденост со електрична енергија“. Во однос на цената, пак, и премиерот Зоран Заев и од РКЕ уверуваа дека нема да плаќаме поскапа струја. Барем не, до Нова година. За после тоа не гарантираат. Од Владата досега не покажаа намера за откажување на дел од акцизата за бензинот и за дизелот или од некоја друга давачка во делот од горивата, како директна поддршка за граѓаните и стопанството и за зауздување на растечките цени на горивата.
Дека притиска енергетската криза, а немаме доволно струја, потврда е одлуката за стартирање на ТЕЦ Осломеј и ТЕЦ Неготино, покрај РЕК Битола. Уште пред еден месец во јавноста се алармираше дека има недостигот на јаглен за потребите на Комбинатот, па после еден неуспешен тендер, со повторениот јавен повик се доставија понуди за бараните количини од 900 илјади тони јаглен. Од ЕСМ денеска соопштија дека понудите се од домашни фирми, од два домашни рудника, како и фирми од Косово, Албанија, БиХ и од Турција. Сега ќе се проверува дали понудениот јаглен ги задоволува техничките карактеристики. И ТЕЦ Осломеј се подготвува за работа. Од првиот повик за набавка на јаглен, се очекува во понеделник да се официјализира изборот на понудувачот на 300 илјади тони јаглен и да започне испораката, информираа од ЕСМ. Во опција е и ТЕЦ Неготино, која повеќе од 20 години не работи и се чува како ладна резерва. Не произведува струја поради скапиот мазут на кој работи, а оттаму и високата цена на струјата.

„ЕСМ е во постојана комуникација со Владата и со ТЕЦ Неготино со цел стартување на термоелектраната, со поддршка на ЕСМ за 1,2 милиони тони“, соопштија од ЕСМ.
Владата, сепак, подготви правна рамка за постапување на одговорните во случај на прогласување на енергетска криза.
Како што соопштија од Министерство за економија: „Уредбата за критериумите и условите за прогласување на кризна состојба во случаи на временски и природни непогоди, хаварии и нарушувања на пазарот на електрична енергија, начинот на снабдување со електрична енергија во кризна состојба, мерките кои се преземаат во случај на кризна состојба, како и правата и обврските на носителите на лиценци за вршење на електроенергетски дејности, која што е објавена во Службен весник, е донесена со цел усогласување со одредбите на Законот за енергетика, согласно кој пазарот на електрична енергија е целосно отворен и има повеќе учесници на пазарот, како на пример, Оператор на пазар – МЕМО ДООЕЛ“.
Во опфатот на оваа Уредба, додаваат, се определени и правата и обврските на учесниците на пазарот во услови на кризна состојба и се вклучени сите учесници на пазарот, а не како претходно само државните енергетски компании.

„Претходната Уредба беше донесена во 2012 година и во неа не беа усогласени новите одредби за пазарите на електрична енергија. Континуирано ја следиме состојбата во електроенергетскиот сектор, во моментов има доволно количество на електрична енергија, до крајот на годината нема да има зголемување на цената на струјата за домаќинствата“, потенцираат од таму.
Во вчерашното издание на Службен весник на 12 страници објавена е Уредба за критериумите и условите за прогласување на кризна состојба во случаи на временски и природни непогоди, хаварии и нарушувања на пазари на електрична енергија начинот на снабдување со електрична енергија во кризна состојба, мерките што се преземаат во случај на кризна состојба, како и првата и обврските на носителите на лиценци за вршење на електроенергетски дејности.
Министерот за финансии Фатмир Бесими, на вчерашната прес конференција за Предлог-буџетот за 2022, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека државата е свесна за економската криза и е подготвена да одговори.

„Ќе реагираме, не само со Буџетот во 2022 година, туку и со актуелниот Буџет за годинава зашто ефектите од кризата веќе се чувствуваат во нашата економија. Не можам сега да кажам ништо во однос на цените на струјата, а ниту сум надлежен за тоа, ниту е Владата, туку е регулаторното тело“, рече Бесими.

Тој додаде дека во годинешниот буџет има останато средства од програмата за Ковид, од околу 6 милијарди денари (97,5 милиони евра), кои не се потрошени и со нив може да се поддржат енергетските компании. За тоа Владата ќе формирала работно тело од повеќе ресори.
„Има работен тим што ја следи состојбата и во зависност од тоа каде ќе се ослободат средства ќе се интервенира. Битно е граѓаните да знаат дека ќе се направат сите напори, пред се да има доволно електрична енергија и да се ублажи ценовниот ефект, рече Бесими.

Маја Томиќ


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1