ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/3/21 10:00 AM

Тие што се вакцинираа примаат и трета доза, другите немаат абер ни за прва – Лекарите во Тетово предупредуваат од нов бран

Во тетовско, регион каде четвртиот бран на Ковид- 19 косеше, а исходот беше фатален со многу болни и починати лица, драстично е намален интересот за имунизација. За разлика од летниот период кога во двата пункта во Тетово се имунизираа и до 1500 граѓани дневно, сега вакцина примаат едвај до 150 лица, но половина од нив се повозрасни луѓе, кои ја примаат третата доза или бустер дозата Фајзер.

Здравствените работници велат дека стравот си го прави своето. Кога имаше голем број заразени интересот беше огромен, но сега не е така. Апелираат граѓаните што помасовно да се вакцинираат, оти новиот бран ни тропа на врата, ако се земе предвид искуството и тоа што се случува во соседството.

-Мора да се зголеми интересот особено кај помладата генерација, нив никаде ги нема, доаѓаат тука повозрасни или хронично болни, кои ја примаат третата доза, тоа е добро, но што со оние кои воопшто не се вакцинирани. Треба да дојдат, следува зимски период, да се заштитат навреме. Имаме два пункта еден во просториите на Музејот на тетовскиот крај, а друг во објектот на Центарот за култура „Иљо Антески Смок“ во Тетово. Имаме доволно вакцини, нема потреба од страв, без термин слободно нека дојдат, вакцината носи само корист, а не штета, истакна доктор Бесник Мустафаи, координатор на вакциналниот пункт во Центарот за култура „Иљо Антески Смок“ во Тетово.

Драги Неделчевски од Тетово е еден од повозрасните граѓани кои реши да ја прими третата доза. Во мај се вакцинирал и ревакцинирал со кинеската Синофарм.

-Од тоа што читам литература, од тоа што сум воспитан, некои велат вакцината е помало зло, едноставно ќе речам тоа е единствениот спас од вирусот. Јас прележав корона и моето семејство, бевме со полесни симптоми, но сепак одлучивме да се имунизираме, вирусот е злобен и опасен, од Ковид- 19 почина и мајката на мојата сопруга, вели Драги Неделчевски.

Последните бројки говорат дека во полошко околу 42 проценти од населението е имунизирано, што не е доволен процент за стекнување на колективен имунитет.

(З.Д.)


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1