ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/2/21 3:34 PM

Сестри и болничари девет месеци работеле без пари и договор за работа во болницата во Прилеп

Медицински сестри и болничари ангажирани во ковид кризата во болницата со општа надлежност „Борка Талески” во Прилеп, со работни обврски во модуларната болница и на другите одделенија повеќе од девет месеци не добиваат ниту пари, ниту имаат некаков договор за работа, а најмалку здравствено осигурување. Тие денеска пред Ургентниот центар во болницата излегоа со реакции и бараат одговори од Министерството за здравство.

Според Симона Петреска, ангажирана медицинска сестра, револтот е голем, а имале најава дека ќе им се реши статусот, но досега нема ништо.

-Ние сме револтирани медицински сестри и болничари од прилепската болница. Повикани за работа во ковид-пандемијата, сѐ уште сме без решен статус и без никаков финансиски надомест. Повеќе од осум месеци слушаме само ветувања, а никој нема слух за нашиот проблем. Секојдневно изложени на ризик од зараза со вирусот, без здравствено осигурување, а во моментов една од нас е позитивна. Сестрите пуштени на транспорт е кривично дело, без никој да се запраша дека нашата лиценца може да биде одземена. Сакаме да се обратиме до министерот за здравство, Венко Филипче и да го запрашаме дали е запознат со нашиот случај. Ве замолуваме да ни одговорите за нашата деградација зошто има поделба: на дел од персоналот дадовте договори, а на друг дел не. И не сме повикани како волонтери, доброволци, туку сме повикани за работа. Свесни сме дека може да бидеме избркани од работа, истакнаа револтирани медицински сестри и болничари.

Директорот на болницата, Кети Смилеска вели дека се сретнале во текот на вчерашниот ден со здравствените работници. Станува збор за вкупно 16 здравствени работници. Посочи дека чекаат да им биде одобрен новиот акт за систематизација од надлежните министерства.

– Чекаме на новата систематизација која мораше да биде одобрена од надлежните министерства: за информатичко општество и за здравство. Тоа беше неопходно по процесот на спојување на Здравствениот дом и на Болницата. Се чека одобрувањето на актот, зашто претходно помина на Управниот одбор на болницата. Наскоро очекуваме да го добиеме, за потоа да се бараат согласности за евентуални договори за работа. Тоа е што може ние да го направиме од болницата, вели Смилеска.

 

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1