ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/2/21 3:11 PM

Бесими: Ќе реагираме за надминување на енергетската криза, има останати пари од Ковид програмата

„Подготвени сме да одговориме и да работиме за надминување на енергетската криза. Ќе реагираме, не само со Буџетот во 2022 година, туку и со актуелниот буџет за годинава, затоа што  ефектите од оваа криза веќе се чувствуваат во нашата економија. Не можам сега да кажам колку ќе биде тоа во однос на цените, ниту сум надлежен. Тука е регулаторното тело“, рече министерот за финансии Фатмир Бесими, на денешната прес конференција во Владата, одговарајќи на новинарско прашање. Тој додаде дека во актуелниот државен буџет, има средства од програмата за Ковид, во висина од околу 6 милијарди денари, кои не се реализирани и со кои може да се поддржат енергетските компании. За таа намена ќе се формира работно тело од повеќе ресори кое треба да одлучи дали и како ќе се поделат средствата.

„Битно е граѓаните да знаат дека ќе се направат сите напори за да има доволно електрична енергија и да се ублажи ценовниот ефект. Се уште има простор во Буџетот, бидејќи од планираниот буџетски дефицит од 6,5 отсто, остварени се само 3,8 отсто“, рече тој и  нагласи дека се очекува за неколку месеци да се надмине оваа состојба на глобално ниво.

Прашан дали во буџетот за наредната година се предвидени зголемени средства за институциите за сметките за електрична енергија, Бесими рече дека нема дополнителна ставка само за тоа, бидејќи  буџетот се планира на ниво на категории.

„Тоа е дел на политиката за фискална консолидација. Воведуваме индикатори за оперативни трошоци во последните пет години за секоја институција, со цел да се подобри управувањето со трошоците, односно подомаќински да се управува. Сите надлежни институции, во рамки на стегнатиот буџет за в година, во делот на стоки и услуги, каде има намалување од 6 проценти, ќе треба со подомаќинско управување да ги предвидат и сметките за струја, доколку имаат пораст“, потенцира Бесими.
На прашањето- дали има простор Владата да се откаже од дел од акцизата за бензинот и за дизелот или од некоја друга давачка во делот од горивата, како директна поддршка за граѓаните и стопанството, министерот одговори дека засега, тоа како системско решение го нема во Предлог буџетот за 2022, но може да се разгледа во контекст на прашањето за енергетска криза, доколку се укаже потребата да се интервенира во тој дел.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1