ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/1/21 4:14 PM

Северна или само Македонија – Претседавачот ја напушти седницата па настана дилема кој највозрасен остана да ја води

Конститутивната седница на Советот на Општина Штип прво имаше неславен почеток, кога поради скинат електричен кабел снема струја, па мораше да биде одложена. Три часа подоцна, светлото светеше, преносот во тек, ама советниците не можеа да се усогласат дали заклетвата треба да биде со Северна или само Македонија. Поточно, советниците немаа дилеми, туку разногласие. За советниците од коалицијата на СДСМ, невалиден е мандатот на советниците, ако потпишат изјава под името Република Македонија, како што општинските служби им го подготвиле документот. За новото мнозинство од ВМРО ДПМНЕ, законодавецот, во случајот со Законот за локална самоуправа, не направил измена со новото уставно име на државата и се’ уште стои Република Македонија. Според тоа, нема никакви незаконитости, ниту пречки, изјавите така да бидат потпишани. Додека се водеше полемика што е законски и правилно, градоначалникот Иван Јорданов, предложи секој да се потпише според свое видување. И тоа не беше прифатено.

Маријана Рогожарска – Поповска, досегашен претседател на Советот, рече дека изјавите се проблематични и поради фактот дека Статутот на Советот на Општината Штип е променет со уставното име – Република Северна Македонија и треба и изјавите да бидат прилагодени.

Ако Статутот е променет, зошто тогаш поканите за конститутивната седница и целиот материјал се испратени со Решублика Македонија – прашаа советниците од мнозинството. Од страна на стручните служби, тоа беше објаснето со техничка грешка, бидејќи го искористиле формуларот од конститутивната седница пред четири години, без да забележат дека не е направена промената.

И кога се чинеше дека решението тешко дека ќе се изнајде, Рогожарска – Поповска предложи да се одложи конститутивната седница, додека не се добие автентично толкување од Собранието на РСМ. Овој предлог мнозинството од ВМРО ДПМНЕ го отфрли. Тогаш опозициските советници ја напуштија седницата. Дури тогаш се јави еден практичен проблем, бидејќи и претседавачот кој ја водеше седницата како највозрасниот советник, ја напушти седницата.

На одење, Иван Бојаџиски повика да се пријави највозрасниот и да седне на негово место. Почна лицитирањето со годините на раѓање со цел да се утврди кој е највозрасниот што останал во салата. Соломонското решение го најде Душко Иванов од ВМРО ДПМНЕ, кој рече дека е координатор на советничката група и тој ќе ја води седницата.

Така продолжи конститутивната седница. Веќе по неколку минути беа кажани и потпишани изјавите, но не со уставното име, туку со Република Македонија. Беше избрана и Весна Кожинкова – Карагунова за претседател на Советот, која побара да се тргна политиката настрана и да се работи во интерес на граѓаните.

-Апелирам, дневно – политичките интереси секогаш треба да бидат надминати и секогаш да бидеме насочени кон една единствена цел – а тоа е интересот на граѓаните за што впрочем ја добивме довербата на 17 октомври. Особено ми е жал што денеска се случи една ваква ситуација, меѓутоа, сите вакви проблеми, ќе ги решаваме во рамките на Советот, рече новата претседателка Кожинкова – Карагунова.

Советот на општина Штип брои 23 советници. Мнозинството го има коалицијата на ВМРО ДПМНЕ со 13 советници, девет има СДСМ и еден Левица. Советничката на Левица Сенада Ибраимова денеска гласаше главно воздржано, додека во однос на уставното име на државата, остана на линијата со колегите од ВМРО ДПМНЕ. Според Ибраимова, Статутот на Општината бил сменет противправно и треба да се потпише документот со името Република Македонија.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1