ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/2/21 7:47 PM

Ќе дојде живот во Дојран и преку зима – Праисториска населба во Стар Дојран за развој на туризмот

Полн погодок за туризмот во Дојран ќе биде изградбата на праисториската наколна населба која некогаш постоела во ова езеро и ќе донесе туристи и преку зимата кога туризмот е замрен. Вака археолозите гледаат на идејата за реконструкција на некогашната населба, која би наликувала на онаа од Заливот на коските во Охридско езеро, но и по примерот на други вакви реконструкции кои ги има во Грција и Германија.

Надлежните од Завод за заштита на споменици на културата и Музеј – Струмица, кои пред неколку години ги завршија археолошките истражувања во месноста Мрдаја, предложуваат да се возобнови некогашната наколна населба од праисториско време која постоела близу граничниот простор во Стар Дојран. За да ги презентира бројните наоди од праисториската населба оваа национална установа изработи идејно решение, кое го објави пред јавноста, а како најпогодна локација каде што би требало да се простира реконструираната населба, археолозите го посочуваат крајбрежјето под хотелот „Ла Тераца“, на потегот меѓу градската и струмичката плажа.

Археологот Зоран Рујак, кој повеќе години изведуваше истражувања за праисториската населба за ММС вели дека оваа локација би била најпогодна бидејќи е покрај регионален пат кој води до граничниот премин и тука веќе постои паркинг што посетителите ќе можат да го користат.

– Се надеваме дека преку идејното решение ќе пробудиме интерес кај надлежните за овој проект што сметаме дека би бил полн погодок за развојот на туризмот во Дојран. Проектот треба да содржи дел кој ќе биде во езерото и ќе се состои од четири објекти на платформи со праисториски изглед, поврзани со мали мостови меѓу себе, да има еден кораб во водата изработен според ликот на праисториските пловни објекти од времето на доцната бронза и раното железно време. Значи за изградба би се користело дрво, трска, ѕидови од плитар премачкани со кал кои секако ќе служат за надворешно да го доловат автентичниот изглед, а ќе се користат и цврсти материјали – појаснува Рујак за ММС и вели дека самата конструкција ќе биде доволно цврста за да ги издржи надворешните влијанија, по примерот на веќе постоечки слични реконструкции кои ги има насекаде низ светот.

Внатре во објектите треба да бидат сместени сите поставки кои во минатото ги имало во овие населби. Сите објекти треба да служат како еден голем музеј за Дојран и за неговата историја, да покажат дека и тука, а не само во останатите туристички места низ државата има богата историја која може да привлекува посетители, сметаат археолозите.

– На брегот треба да има мал музеј со копии од предметите кои се најдени на археолошкиот локалитет и да се направи една диорама односно 3Д реконструкција на населбата како таа изгледала на времето кога била активна. Ваквиот музеј е самоодржлив, ќе функционира со наплаќање влезници и нема да генерира дополнителни трошоци за општината, туку ќе носи повеќе посетители и ќе даде дополнителен стимул на туристичкиот развој. Неколку вакви населби успешно функционираат во Грција, а уште од 1922 година ваков музеј на отворено постои во Германија на Боденското езеро и заработува околу два до три милиони евра годишно – посочува Рујак за ММС.

Во иднина археологот предлага населбата да се надополни и со мандра, како што постоела во 50-тите години, па да се изложи и традиционалниот начин на ловење риби во Дојран.

– Идејата на музејот е да биде едукативен, и да се направи еден мост меѓу минатото и сегашноста, значи да биде севкупен музеј за Дојран. Се надевам ќе има слух во општината и ќе го збогатат Дојранското езеро со нови содржини за да се развива туризам преку целата година односно и во зимскиот период кога освен конференции, нема други активности – смета археологот.

Наодите од истражувањата во Мрдаја покажаа дека наколното живеалиште откриено на дното на Дојранското езеро постоело во истиот период кога историјата ја пишувале Хомер и Херодот, а се претпоставува и дека е за 300 до 400 години постаро од нив. Локалитетот содржи богат материјал составен од бронзени предмети кои биле дел од домаќинството на жителите. Карактеристично за оваа населба, според Рујак, е тоа што објектите не се наоѓале на една платформа, како кај наколната населба во Охридското езеро, туку биле разделени, секоја на посебна платформа како еден своевиден двор пред куќата и меѓусебно поврзани со мостови, а сите тие биле издигнати над водата на колци. Според пишувањата на Хомер, луѓето што живееле во вакви подводни населби престојувале целосно во езерото, се ранеле од него, и дури ја ранеле и својата стока со риби, а езерото било преполно со нив.

Досега се пронајдени околу 54 колци од објектите, како и бројни бронзени предмети – ножиња, српови, јадици и една келт секира, фрагменти од накит односно една игла, окосница и мноштво животински коски, меѓу кои на елен и кучиња. Исто така пронајдени се и бројни керамички предмети.

Археолозите сметаат дека некогашните жители цело време престојувале во езерото и речиси никогаш не се симнувале на брегот. Наодите покажуваат дека тие имале и керамички печки што им служеле за греење и готвење. Во пронајдоците има и интересна скулптура со рогови и со симболи и се врзува со одреден култ, кој асоцира на микенската култура со што покажува дека жители почитувале одредени култови, а најверојатно имале и светилиште како своевиден храм.

Роза Шулева

 

 

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1