ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/1/21 7:30 PM

Не е сѐ во парите, тие не купуваат стил и вкус: Ивана Трајковска Филчевски од својот дом направи приказна

Софистициран минимализам – вака накратко би можел да се опише домот на Македонката, Ивана Трајковска Филчевски која веќе осум години живее во Германија. Светлите бои и комбинацијата на модерниот и винтиџ стилот го прават нејзиниот дом автентично место, а за тоа сведочат и бројните фотографии кои таа ги споделува на социјалните мрежи. Ивана ни дозволи да „ѕирнеме“ во нејзиниот дом и ни раскажа од каде црпи инспирација за уредувањето, дали се потребни многу пари за да се постигне естетика и што е тоа што домот го прави уште поудобен.

Во Македонија имав свое Ателје за изработка на накит (во Софија завршив училиште за дизајн на накит) но по преселувањето во Германија, направив преквалификација за Office manager. Бидејќи сегашната работата не ми е многу креативна, а ми недостасува креативноста да ја „искористам” некаде, наместо да правам накит се впуштив во уредување на домот – сподели Ивана за ММС.

Таа е родум од Куманово, а живее во близина на Келн во дом во кој преовладуваат светли бои. Буквално си игра со стиловите, па како што вели, обожува да комбинира нови со стари детали.

„Имам и некои парчиња мебел кои се стари повеќе од 100 години, но по целосна реставрација ги враќам во живот“, додава Ивана која за уредувањето сепак не се консултирала со дизајнер за ентериерно уредување, туку целата реализација е резултат на нејзината замисла.

Вели дека нема некое посебно катче во домот, бидејќи во секоја соба има по едно такво, но затоа, пак, промените се случуваат постојано.

-Како што знаат да кажат членовите на семејството, на нас никогаш не може да ни е досадно, Ивана секој пат има некоја занимација за нас. Сега последно на пример реставрираме еден параван во кој имаше преку 1000 шајки кои требаше да се извадат – истакна таа за ММС.

Ивана не прави нови декорации во домот како што се менуваат сезоните, туку, напротив, кај неа тоа се случува секоја недела.

„Во декорацијата кај мене секогаш е присутно многу цвеќе и свеќи. Ако не ми остане време за друго барем цвеќето во вазните го менувам. Особено за нова година домот доживува тотална трансформација, декорирањето трае и по неколку недели“, истакна кумановката со германска адреса.

Инспирацијата неизбежно ја црпи од социјалните мрежи, но и од патувањата во кои ужива. Во однос на тоа дали се потребни многу финансиски средства за еден дом да биде убаво уреден, таа вели дека парите не купуваат ниту стил ниту вкус.

„Јас константо слушам како претерувам со купување, но многу од декорациите кои ги имам чинеле по едно евро, така што не е сѐ во парите“, додава таа.

А за тоа што е клучно за еден убав дом да биде спокојна семејна заедница, на што таа посочи:

„Ако во еден дом нема почитување, разбирање и хармонија и најубавиот ентериер е безвреден“.

Ивана признава дека нејзиното секојдневие е динамично и исполнето со обврски, па со семејството во текот на работните денови не успеваат да имаат многу заеднички оброци, но затоа пак – викендите се овде за да се надомести.

Вања Мицевска

 

 

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1