ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 10/31/21 11:08 PM

Мицкоски ја прогласи победата на ВМРО-ДПМНЕ и порача: Македонија мора да се менува, промените започнаа од вечерва

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва изјави дека партијата извојува голема победа на локалните избори и дека започнуваат деновите за промените за подобра Македонија.
Тој се заблагодари на поддршката на сите опозициски партии и додаде дека со соработката покажале оти е можен широк опозициски фронт со кој се воспоставуваат основи за идна соработка и идна владина коалиција врз база на принципи и меѓусебна почит и разбирање.

„Македонијо, од вечерва почнуваш да го живееш нашиот голем сон за нова иднина, надеж за секој еден човек. Многумина се сомневаа дека успехот е можен, но надежта победи. Македонија мора да се менува, а промените започнаа од вечерва. Надежта ја победи апатијата и нејзината сила ќе расте, сите заедно со нова иднина заеднички и сложно да го оствариме сонот за кој цели 30 години сонуваме, а никако да го постигнеме. Кажете им на нашите браќа и сестри од сите краеви на Македонија, од Тетово до Битола и Охрид и кочани, од Скопје до Гевгелија. Ова е денот од кога почнуваат промените. Промени за обединување, за подобар живот, за силен стандард. Промени кои ќе ја донесат иднината за која се бориме“, ова е победа на народот на Македонија“, рече Мицкоски на прес конференција..
Во врска со новото парламентарно мнозинство, Мицкоски рече дека времето ќе покаже како ќе се одвиваат работите, и нагласи дека е најдбро власта да си замине на предвремени избори. Тој  побара од премиерот Зоран Заев да се повлече и да замине, заедно со како што рече, 30 лица од СДСМ: „Не треба само Заев да си оди туку и заевизмот“, рече тој.

„Власта е делегитимирана. Тоа е новата реалност која треба да се рефлектира во парламентот. Но најдобро би било тоа да биде преку предвремени избори. Сакам да се обратам до мојот политички противник, до Зоран Заев, да размисли добро кои ќе бидат следните чекори, да се надмине себеси и да го направи најдоброто за Македонија, да ја разбере пораката, а тоа е дека е доста и дека треба да замине“, рече Мицкоски.

Кусо по пресот на Мицкоски, Зоран Заев ја објави својата оставка од функцијата преседател на СДСМ и премиер на Владата. Симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ пред седиштето на партијата во центарот на Скопје реагираа на оваа вест исто толку радосно и еуфорично како и при прогласувањето на успешните резултати од локалните избори.

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1