ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 10/31/21 8:18 PM

Бајрами: До обвинителствата мал број пријави за изборни нерегуларности

„Во текот на овој изборен ден во вториот круг од локалните избори до Комисијата и до обвинителствата пристигнаа релативно мал број пријави и известувања за нерегуларности на изборниот процес. По сите пријави се оформени предмети и итно се постапува“, изјави претседателот на Комисијата, јавниот обвинител во ЈО на РСМ, Џељаљ Бајрами.
На подрачјето на ОЈО Скопје оформен е предмет за настан пријавен на 30.10.2021 година во МВР БЈБ ОКП Сектор за економски криминал и корупција како кривично дело – Поткуп при избори и гласање од член 162 од Кривичниот законик во општина Шуто Оризари. За настанот во текот на денешниот ден беше доставено писмено известување до ОЈО Скопје.
ОЈО Кочани постапува по повеќе пријави од две политички партии дека различни лица вршат притисоци, влијание и агитирање врз гласачи како да се изјаснат. За сите поднесени пријави оформени се предмети и дадени се наредби и насоки до ОВР Кочани за проверка на наводите.
Во ОЈО Делчево на 31.10.2021 година примена е една кривична пријава против едно лице за кривично дело „Поткуп при избори и гласање“, по која е оформен предмет.
Во ОЈО Радовиш добиено е усно известување во текот на денешниот ден дека едно лице кое требало да е во изолација поради контакт со позитивно лице од КОВИД 19, излегло на гласање. Дадени се насоки за проверување на наводите.
Јавен обвинител од ОЈО Кичево бил известен дека гласач на едно гласачко место го фотографирал ливчето, додека на друго гласачко место еден гласач искинал гласачко ливче.
„До Комисијата, преку електронската адреса во текот на вчерашниот ден пристигна една пријава од невладина организација, која се однесува на притисоци и закани упатени кон набљудувачи на изборите искажани преку коментари на социјална мрежа. ЈО продолжува да го следи изборниот процес во целост и ќе постапува по сите сомненија за евентуално сторени кривични дела поврзани со локалните избори. Се уште останува активна и нашата електронска адреса izbori@jorm.mk, каде граѓаните можат да ги пријавуваат сите сомненија за кривични дела поврзани со изборите“, додаде Бајрами.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1