ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 10/31/21 1:06 PM

Еден кичевчанец го искинал гласачкото ливче, а друг го фотографирал своето – МВР вели гласањето генерално се одвива мирно

Министерството за внатрешни работи досега нема регистрирано посериозни нарушувања на јавниот ред и мир во текот на гласањето, кое, генерално, се одвива мирно, без проблеми, изјави денеска портпаролот во МВР, Тони Ангеловски.

По отворањето на гласачките места до 11.00 часот, информира тој,  регистрирани се два настани во Кичево и еден во Тетово.

– Полициски службеници од Полициската станица Кичево го лишиле од слобода Б.К.(64) од Кичево затоа што во 07.45 часот го искинал гласачкото ливче откако гласал на избирачко место бр.0745 во Кичево. По насоки на Јавен обвинител на Б.К. ќе му биде поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „уништување на изборен материјал”. Во 08.25 часот во Полициската станица Кичево, од избирачкиот одбор во село Премка било пријавено дека на избирачко место бр.0796 во село Премка, А.У. од село Премка го фотографирал гласачкото ливче. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, информира портпаролот во МВР.

Во 09.15 часот во СВР Тетово, изјави Ангеловски, заменик претседателка на гласачко место бр.1972 во основно училиште „Братство Миѓени” во Тетово пријавила дека С.Д. сакала да го оствари своето право на глас без приложување соодветен документ за идентификација односно се обидела да гласа прикажувајќи фотографија од нејзината патна исправа на мобилниот телефон.

– Откако и било кажано дека тоа е противзаконски започнала агресивно да се однесува кон неа. Се работи на расчистување на случајот, рече на денешната прес-конференција портпаролот во МВР, Ангеловски.

МВР има регистрирано и пријави за агитација во Кочани и Кратово, но засега, како што посочи Ангеловски, овие пријави не се докажани.

Портпаролот на МВР Тони Ангеловски апелира до граѓаните и до учесниците во изборите и во останатиот дел од гласањето да се воздржат од инциденти, а доколку има какво било нарушување на изборниот процес, потенцира, граѓаните веднаш да ја известат полицијата или на бројот 192 или да пријават во најблиската полициска станица.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1