ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 10/29/21 10:53 AM

Ќе го заборавиме евтиниот плин, за само 6 месеци цената вивна за 50 отсто и уште ќе расте

Цената на автоплинот достигна 44,5 денари и за само неколку месеци се покачи за 50 отсто, а крајот на зголемувањето не се гледа ниту од високо.

Постковид економската криза силно ја чувствуваат и македонските граѓани, посебно оние кои користат ТНГ (плин) со цел да ги намалат трошоците за користење на возило, исплашени дека после Нова година нема да бидат во можност да ги користат своите автомобили.

Такси превозниците кои најмногу користат автоплин се жалат дека трошокот на 100 километри им е зголемен за најмалку 120 денари, ако се земе во предвид дека едно возило троши 8-10 литри плин при возење во град и дека цената е зголемена за 50 отсто.

– Во мај возевме на плин по цена од 25 денари за литар. За еден месец цената се покачи за пет денари, а поради високата цена на дизелот и на бензините, некако не го чувствувавме покачувањето. Но, кога во средината на јуни на една бензинска во Бугарија забележав дека цената на плинот е се уште 25 денари, сфатив дека нешто не е во ред кај нас и очекував голем пораст на цената. Ако продолжи овој брз раст, ќе немаме сметка да возиме ниту на плин, а сме се решиле да го користиме бидејќи е најевтино гориво – истакна за ММС граѓанин кој со својот автомобил поминува по 500 километри месечно за кои плинот го чини 600 денари повеќе отколку во мај месец.

Според експертите, цената на плинот е речиси иста како и на бензините, но без пресметана акциза, а причина за ваквиот тренд е растот на цената на нафтата на свтските берзи.

Цените растат и во Србија каде што литар плин се купува за 51,28 денари, во Грција достигна 60,97 денари, во Албанија е 41,29 денари, во БиХ е 43,62 денари, додека во Бугарија последната цена е 40,83 денари и е најефтина во регионот.

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) нема надлежност да ја регулира цената на автоплинот и таа ја регулира слободниот пазар односно, цената на светските берзи и понудата и побарувачката.

Најголемиот дел од увозот на плинот кој е мешавина од пробан и бутан и претставува течен нафтен гас, а не природен гас, го врши компанијата „Макпетрол АД Скопје“. Од таму велат дека потрошувачката на авто плин на годишно ниво е околу 60.000 тони.

– Цената на ТНГ не е регулирана од РКЕ и се формира слободно од страна на трговците. Набавната цена зависи од движењето на берзанските цени на Пропанот и Бутан гасот кои во изминатиот период од јуни до сега (октомври) се покачени за 30 отсто. Малопродажните цени се покачени во просек за 27 отсто, за сметка на покачувањето на цените на берзата – истакна за ММС, директорот на одделот за набавки во компанијата „Макпетрол“, Филип Чадиковски.

Поради исплатливоста,  но и за намалување на загаденоста Владата воведе  субвенција за вградување на плински уред во автомобилите. Оваа година за субвенции биле искористени 11 милиони денари, по 18.000 денари за еден плински уред, за околу 700 возила. Со наглото зголемување на цените на плинот, прашање е дали воопшто ќе има интерес за оваа мерка и дали истата во иднина ќе даде позитивен ефект.

„Мерката за субвенционирање на дел од трошоците за купување и вградување на уред за погон на ТНГ, метан или друг вид на алтернативно гориво во возилата, се применува само две години, во коj период субвенционирани се над 1.500 сопственици на возила. Периодот во кој се применува и бројот на субвенционирани сопственици не може да даде ефект кој веднаш ќе предизвика големи промени, но ваквата мерка во комбинација со други (како што се субвенционирање на купување на ново возило со одјавување на старо и субвенционирање на купување на електрични и хибридни возила) на одреден период ќе дадат видливи резултати. Министерството за економија размислува и во иднина да ја спроведува програмата за субвенционирање на дел од трошоците за купување и вградување на уред за погон на ТНГ, метан или друг вид на алтернативно гориво во возилата и покрај се повисоката цена на ТНГ, од причина што не се работи само за финансискиот ефект туку и за влијанието врз животната средина и загадувањето“, рекоа од Министерството за економија за ММС.

Орце Костов

фото: Петрол-Словенска енергетска дружба, Макпетрол, Википедија, ММС

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1