ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 10/29/21 8:59 AM

Актуелните анти ковид мерки за влез во Грција продолжени за две седмици

Сертификат за вакцинација или потврда за прележан Ковид-19 или негативен ПЦР/рапид тест, заедно со пополнет PLF формулар и понатаму се неопходни за патување во Грција, а невакцинираните и оние кои не прележале, задолжително ќе бидат тестирани при влезот во земјата.
Одлуката „Предуслови за влез во земјата за да се ограничи ширењето на Ковид-19“, стапи утрово во сила и ќе важи до 12 ноември 2021 година, до шест часот наутро.
Сите посетители „независно од државјанството и начинот на влез во земјата“ исто како и во изминатите шест месеци имаат четири опции.
Првата опција е целосно да ја имаат завршено вакцинацијата 14 дена пред патувањето и да достават сертификат за вакцинација на грчки, англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик, издаден од јавна установа и да ги содржи податоците: име и презиме, како што се заведени во пасошот, вид на вакцина и бројот на дози, заедно со датуми кога се примени.
Втората можност е со негативен тест: или ПЦР направен во последните 72 часа пред патувањето или антигенски (брз) тест направен 48 часа претходно.
За оние кои патуваат со негативен тест „независно од државјанството и начинот на влез во земјата, а во Грција пристигнуваат од: Египет, Албанија, Аргентина, Северна Македонија, Бугарија, Бразил, Грузија, Куба, Обединетите Арапски Емирати, Индија, Кина, Либија, Мароко, Пакистан, Русија и Турција“, предуслов за влез е да добијат негативен резултат од задолжителното тестирање со ПЦР/ рапид тест на влезните точки во Грција.
Задолжителното тестирање не важи за патниците кои имаат валиден сертификат за вакцинација со поминати 14 дена од втората доза или потврда за прележана болест во изминатите шест месеци.
Третата опција се однесува на оние кои прележале Ковид-19 во изминатите шест месеци и може да достават потврда за прележана болест по лабораториско тестирање со ПЦР или антигенски (брз) тест.
Конкретните обврски за патување важат за лица со наполнети 12 години.
Задолжителен е и електронскиот формулар PLF (Passenger Locator Form), кој треба да биде пополнет преку интернет страницата https://travel.gov.gr.
Сите посетители на Грција, независно од земјата на потекло, може да бидат подложени на тестирања, а селекцијата се врши согласно здравствениот алгоритам и со помош на кодот од PLF формуларот.
Во случај на позитивен резултат, предвиден е десетдневен карантин во соодветен простор укажан од надлежните органи, а доколку се работи за лица кои 14 дена претходно ја завршиле вакцинацијата, тогаш задолжителната изолација е седум дена.
На последниот ден од карантинот, оние кои биле позитивни, без разлика дали се вакцинирани или не, потребно е да направат ПЦР тест.
Во случај лицата кои патуваат заедно со потврдените случаи да останат во земјата, а не се вакцинирани или немаат прележано Ковид-19 во изминатите шест месеци, тогаш треба да бидат во 14-дневна изолација по последниот контакт со позитивното лице, без да се тестираат или седум дена карантин и на седмиот ден да направат ПЦР тест.
Доколку блиските контакти се вакцинирани или прележале Ковид-19 во последните шест месеци, тогаш не е потребен карантин, но задолжително се тестираат со ПЦР тест при влезот во земјата.
За прекршување на законските мерки и обврски, предвидени се парични казни од 500 и 5.000 евра.

(МИА)


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1