ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 10/28/21 1:18 PM

ЈП Исар оставен со пет милиони евра долг: Должи пари за струја, а не се плаќале ниту рати за земен кредит

Штипското јавно претпријатие Исар се чини дека „тоне“ во долгови, барем според кажувањата на новиот градоначалник на градот, Иван Јорданов. Првото известување кое го добил како градоначалник, Јорданов вели било од Министерството за финансии за доспеани неплатени рати, кои претходната власт имала законска обврска да ги плати.

Иако вчера на примопредавањето на функцијата доскорешниот градоначалник Николов објави дека ја остава општината во „одлична финансиски ликвидна состојба“, а на сметката на ЈП Исар има девет милиони денари, Јорданов денеска презентираше малку поинаква реалност.

Имено јавното претпријатие Исар имало долгови од 300 милиони денари. Дел од нив како што кажа Јорданов се поради неплаќање на кредит, а дел се неисплатени долгови кон добавувачи.

Исар како што рече Јорданов, веќе неколку години не му плаќал на Министерството за финансии рати за кредитот земен од ЕБОР за реконструкција на старата водоводна мрежа. Вели сега министерството бара гарант за ЈП Исар, па во најкраток рок ќе треба да се исплатат  над седум милиони денари, бидејќи во спротивно министерството ќе изврши присилна наплата.

– Вкупниот износ кој општината како гарант треба да го исплати на Министерството за финансии е рекордни 220 милиони денари, а само по основ на камата имаме обврска да исплатиме 150 милиони денари, рече Јорданов.

Освен ова, претрпијатието му должи и на својот добавувач на електрична енергија, компанијата „Солар Про“.

– „Солар Про“ ме информираше дека доколку во следните неколку денови не биде подмирен долгот за неплатените фактури за струја, кој е 29 милиони денари, ќе поднесат  налог за исклучување на електричната енергија, информираше Јорданов.

Новиот в.д  директор кој Јорданов вчера го постави во претпријатието, Трајче Здравков,  по направениот  увид во постоечките документи, утврдил и дека Исар има дополнителни долгови од 60 милиони денари.

– Сите проекти, набавка на цвеќиња, резервни делови, набавка на метларки и други материјали за работа, не се исплатени. Ова е крајно неодговорно и нечесно работење на претпријатието, вели градоначалникот.

Поради ваквата ситуација, тој најави ревизија на сите потрошени пари на граѓаните.

 

(Т.Н)


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1