ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 10/27/21 2:14 PM

Денарот е стабилен, инфлацијата умерена, порача вицегувернерката Емилија Нацевска

Денарот е стабилен, а ценовните движења се должат на растот на цените на енергенсите на светските берзи по високиот пад минатата година, како и на привремените нарушувања на синџирите на снабдување предизвикани од пандемијата. Ова се промени од привремен карактер, коишто би стивнале до година, а „подгревање” на инфлациските движења не е потребно, порача вицегувернерката на Народнaта банка, Емилија Нацевска, во гостување на емисијата „Утрински брифинг”.

– Причината за побрзиот раст на цените во првите девет месеци годинава од 2,8%, во однос на очекувањата за раст од 2,2% за целата година, се на страната на понудата. Тоа се должи, пред сѐ, на повисокиот раст на цените на енергенсите на глобално ниво ‒ цената на нафтата и гасот, што доаѓа по високиот пад на цените минатата година и нарушувањето на глобалните синџири на снабдување, како резултат на пандемијата. Со закрепнувањето на глобалната економската активност, доаѓа до побрз раст на побарувачката во однос на понудата и создавање тесни грла во снабдувањето коишто прават ценовни притисоци. Оцените на Меѓународниот монетарен фонд, Европската централна банка и на други меѓународни организации, коишто ги следат овие движења, се дека оваа состојба е од привремен карактер и очекувањата се дека таа ќе се надмине во текот на идната, 2022 година. Ние сме земја којашто енергетски и суровински е зависна од увозот и движењата на светските берзи се одразуваат и на домашните цени ‒ на цените на храната и други производи. Оттаму доаѓа овој ценовен раст ‒ посочува вицегувернерката Нацевска.

Сепак, вицегувернерката истакнува дека дополнителните инфлациски „подгревања” и нивното неосновано вградување во цените од страна на домашните економски субјекти може да доведе до раст на инфлацијата, што не е потребно, ниту, пак, е засновано на објективни економски параметри.

– Простор за паника од инфлација нема, но треба да се однесуваме одговорно и не треба неосновано да се создаваат ценовни притисоци онаму каде што нема потреба, бидејќи тоа ќе се одрази на целата економијата. „Подгревањето” на инфлациските очекувања е нешто што може да доведе до раст на цените. Во вакво сценарио, централната банка реагира преку монетарната политика, вклучително и со раст на каматната стапка, што сепак не е пожелно во услови кога нема нерамнотежи, а на економијата сѐ уште и е потребна поддршка за закрепнување од пандемијата ‒ вели Нацевска.

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1