ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 10/27/21 11:29 AM

Земаат пари од државата, а мора до пензија да работат на црно – За стечајците не се доволни 9.242 денари помош

Проблемот со работниците кои добиваат паричен надоместок од Владата по основ на стечајни работници, а работат на црно е се почесто присутен на терен. Минатото лето Владата се пофали дека го решила долгогодишниот проблем на околу 13.000 лица кои останале невработени поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата. Со Законот за материјално обезбедување 1.100 стечајци добија можност можност да остварат месечен надоместок во износ од 9.242 денари, односно 34 проценти од просечната месечна нето плата исплатена по работник претходната година.

Претходно Владата донесе неколку законски решенија со кои обезбеди финансиски надомест за невработените лица чијшто работен однос престанал поради стечај, ликвидација и технолошки вишок, односно на стечајците. Со овие законски решенија беа обезбедени 11.420 лица кои имаа најмалку 15 години стаж во државните компании. Последното законско решение е донесено откако анализите покажале дека постојат стечајни работници на кои им недостасувале по неколку месеци за да го исполнат условот од 15 години работен однос во државните фирми.

„На денот на поднесување на барањето, невработеното лице треба да е на возраст од најмалку 52 години (жена), односно 55 години (маж); да остварило право на паричен надоместок по 1 јануари 1993 година и од 31 декември 2020 година до денот на влегување во сила на овој закон, да не било во работен однос. Правото на паричен надоместок во висина од 9.242 денари, невработените лица, односно стечајците ќе го остваруваат се до нивното вработување или пензионирање преку Агенцијата за вработување“, извести министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.

Ниту овие 150 евра нема да им го решат проблемот на оваа категорија граѓани затоа што мора да остваруваат дополнителни приходи се до остварување на старосната пензија, за мажите од 55 години до 64 години, а за жените од 52 до 62 години, бидејќи овие луѓе се во старосната група за која има најмалку интерес на пазарот на трудот, овие луѓе работат на црно за да ги прехранат своите семејства.

– Работев во текстилната фабрика во Струмица, „Политекс“ и останав без работа кога прогласи стечај. Сега работам во земјоделието, но не сум пријавена. Берев грозје, а сега ќе одам на берба на јаболка. Имам 57 години и нема интерес за моите услуги. Помошта од државата е добредојдена и ќе имам и право на мала пензија, но дотогаш морам да го прехранувам семејството, а овие 150 евра се доволни само да ги платиме сметките – рече за ММС бивша работничка во претпријатие со доминантна државна сопственост, а која не е единствена.

Надзорот над примената на овој закон, како и  сè што се однесува на непријавена работа или “работа на црно” е во надлежност на Државниот инспекторат за труд.

Оттаму за ММС велат дека нивната ангажираност од страна на работодавачите е присутна во сите сектори, но при честите вонредни инспекциски надзори кои што се вршат, извештаите од инспекторите на терен велат дека во градежниот сектор процентуално е позастапена неформалната работа.

„Морам да нагласам дека Државниот инспекторат за труд при своите постапувања не прави разлика во која категорија спаѓа непријавениот затекнат работник, односно дали истиот е корисник на помош од Владата. Сите работници кои работат спротивно на одредбите од Законот за работни односи без склучен договор за вработување и без да се пријавени во задолжително социјално осигурување се за инспекцискиот орган непријавени работници и за работодавачите кои ги ангажираат овие работници спротивно на наведените законски одредби се изрекуваат санкции,односно ДИТ нема селективен пристап кога станува збор за работата на “црно”, велат од Државиот инспекторат за труд.

Во периодот од јануари до јули 2021 година инспекторите биле постојано на терен а со оглед на и портокаловата фаза која што ја имаше зафатено државата во месец јуни и јули, градежниот сектор имал приоритет при вршењето на континуирани инспекциски надзори од областа на работните односи и безбедност и здравје при работа.

„Во наведениот извештаен период, од страна на Државен инспекторат за труд од секторот за работни односи извршени се вкупно 9.567 инспекциски надзори, од кои во градежништво 358 инспекциски надзори при што затечени се 108 непријавени работници во 14 правни субјекти за кои превземени се инспекциски мерки од страна на трудовите инспектори, односно донесени се 13 решение со Наредба и  1 решение – Забрана по чл.259 од ЗРО, при што  издадени се и 14 прекршочни платни налози за непријавени  работници по  чл.13 од ЗРО“, одговорија од ДИТ.

Орце Костов

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1