ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 10/27/21 12:59 PM

„Секогаш сум се викала Данела, по мојот дедо Дане, ќе тужам за клевета“ – Арсовска ја демантира Петровска дека има бугарско државјанство

На денешната прес конференција независната кандидатка за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска, во целост ги отфрли тврдењата од членови на СДСМ, како и од премиерот Зоран Заев, дека е бугарски државјанин, како и дека некогаш го носела името Даниела Јовановска. Ги оцени обвинувањата како демонстрирање на слабост и најави парична тужба, од која парите нема да ги даде на политичка партија, туку ќе ги донира.
„Во целост ги негирав овие наводи и морам да кажам дека не само скопјани, туку и цела Македонија знае и верува дека луѓето кои ги продадоа македонските национални интереси сега два дена пред избори излегуваат со наводи што не можам низ постапка да ги докажам. И тоа го прават затоа што јас не бев ниту човекот, ниту жената која што ги тераше да дадат изјава дека доколку го изгубат Скопје, ќе ги изгубат и своите политички кариери и функции“ – посочи Арсовска.
Таа рече дека е тоа само уште еден чекор на покажување и демонстрирање нечија слабост, а таа нема да може во толку краток рок да докаже и да покаже дека СДСМ безумно лаже.
На новинарско прашање, дали некогаш го носела името Даниела Јовановска, Арсовска повторно демантираше.
„Не, никогаш . Името Даниела не сум го носела, јас сум родена Данела Јовановска, а повеќе од 20 години сум Арсовска. Данела е името по мојот дедо Дане, кој е Македонец. Родена сум скопјанка, живеам целиот живот во Скопје. Ова безумие сега што се случува, овој личен напад го доживувам од луѓе кои пет години ме викале да им давам економски совети и седеле со мене на маса. Сега кажуваат дека сум антидржавен елемент. Многу добро знаат луѓето и во Македонија и во Скопје, дека сето тоа не е вистина. Треба да се срамат од тоа што го прават и јас веќе пуштив една тужба, меѓутоа овојпат нема да биде без надомест, а сите средства што ќе ги земам од овие безумни лаги, ќе да ги донирам. И тоа не на политичка партија како што лажат, затоа што никогаш во својот живот ниту сум била член на политичка партија, ниту сум донирала на политичка партија, ниту сум направила нешто погрешно“ – одговори Арсовска.
За Арсовска е бесмислена кандидатурата за градоначалник, ако кандидатот има црни дамки на себе.
„Денеска јас имам два непријатела, овој кој не направи ниту водовод, ниту канализација, ниту го исчисти Скопје, додека јас се кандидирам за градоначалник кој ќе го направи градот поубав. Од друга страна имам нов непријател кој денеска се пројави да каже дека има антидржавен елемент во мене. Извинете ве молам, вие ги продадовте нашите национални интереси. Јас сум Данела Арсовска, претседател на Сојузот на стопански комори на Македонија и јас своето име ниту името на моите членови не го продадов“ – изјави Арсовска.
Инаку, денеска повторно се огласи СДСМ за „бугарската врска“ на Арсовска. На прес конференцијата пратеничката Славјанка Петровска, објави бугарска лична карта со адреса во Петрич-Бугарија, за која тврди дека е на Данела Арсовска. Таа рече дека личната карта, која е се уште важечка, и е издадена на 5 мај 2017 година, една недела по насилниот упад во Собранието на 27 април.
„Г-ѓа Арсовска, со каква намера и цел ја подигнавте бугарската лична карта само неколку дена откако пропадна обидот да се убијат пратеници и да се спречи демократска промена на власта“, праша Петровска и рече дека Арсовска не може да се крие зад соопштенијата на ВМРО-ДПМНЕ, а да тврди дека е независен кандидат за градоначалник.
Според Петровска, ништо не може да го сокрие фактот дека Арсовска, освен што е конзул на Унгарија (потврдена инсталација на Груевски), поседува и бугарско државјанство и бугарска лична карта.
„Ваков потценувачки однос, вакви подметнувања не проаѓаат кај граѓаните на Скопје. Не проаѓа во Скопје странска инсталација која работи против интересите на граѓаните. Граѓаните на Скопје бираат градоначалник, а не кмет“, рече Петровска.

Таа вчера објави документ од бугарското Министерство за правда, како аргумент дека Арсовска има бугарско државјанство, потврдено со указ потпишан од бугарскиот вицепретседател. По овие тврдења, ВМРО-ДПМНЕ излезе со демант, посочувајќи дека Арсовска нема бугарски пасош.
Премиерот Зоран Заев во денешниот „Утриски брифинг“ рече дека, Данела Арсовска се определила да биде почесен конзул на Унгарија и да застапува друга држава. „Сега испаѓа дека е државјанин на трета држава. Тоа е сепак премногу, па уште се кандидира и за градоначалник. Во Скопје сепак се бира градоначалник, а не кмет, за тоа може да се кандидира во Бугарија“, рече Заев,  додавајќи дека е политички, етички и морално нечесно што го крие тоа и се обидува да ги манипулира граѓаните.
„Очекувам Данела Арсовска да се повелече, бидејќи не смее да го понижува народот до толку. Ако таа сега вака нечесно се поставува, што ќе се случи доколку биде избрана“, изјави Заев.

(М.Т.)


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1