– ММС
Спорт

Во Штип ќе се одбележат 85 години од првиот кошаркарски меч во Македонија

ММС, 22.08.2018

В понеделник на 27 август во Штип ќе се одбележат 85 години од првиот кошаркарски натпревар во Македонија, спортски настан за кој малку се знае зашто почетоците на оваа популарна спортска игра кај нас главно се врзуваат со годините веднаш по Втората светска војна.

Мечот бил одигран на ударнички направените кошеви и игралиште пред денешното основно училиште „Ванчо Прке“ во центарот на градот на 27 август 1933 година, што било регистрирано и во тогашниот печат. За двете екипи – „црвени“ и „црни“, според бојата на дресовите, играле универзални спортисти од тогашното Соколско друштво во Штип. Победиле „црвените“ со 12-10. Баскетот една година пред тоа од словенечкиот град Марибор го донел штипјанецот Трајко Кошевалиски, кој бил судија на првиот кошаркарски меч.

Скица на спомен-обележјето што ќе се прави на местото каде што се одиграл првиот кошаркарски натпревар

– Сметаме дека тој настан треба да се запамети, па затоа и годинава првпат поорганизирано го одбележуваме. В понеделник од 19 часот по повод 85-годишнината од тој меч ревијален натпревар во салата „Јордан Мијалков“ во Штип ќе одиграат екипите на скопски „Работники“ и „Куманово“, а потоа во Мултимедијалниот центар на „Канал77“ ќе има средба на која ќе се евоцираат спомени од минатото на нашата кошарка. Наскоро на местото каде што пред 85 години бил одигран првиот кошаркарски меч ќе биде поставено и спомен-обележје посветено на тој настан, на кое ќе бидат запишани имињата на сите играчи тој ден – вели Тодор Рибарски од организацискиот одбор.

Лограње

X

Регистрација