ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 10/26/21 2:21 PM

Во недела прегласување ќе има на по едно избирачко место во Дебар и Шуто Оризари, втор круг ќе има во 44 општини

Во недела на локалните избори повторување на гласањето од првиот круг ќе има на две избирачки места – на 0543 во Дебар за градоначалник и на 2957/1 во Шуто Оризари за членови на советот. Управниот суд го поништи гласањето во ови две избирачки места откако тужби до него за одлуките на ДИК по приговорите поднесоа Алијанса на Албанците и Алтернатива и Движењето „Одлучно за Македонија” предводено од ДОМ и ЛДП.

Од Државната изборна комисија (ДИК) велат дека прегласањето во Дебар би имало минимално влијание на резултатот на изборот на градоначалник. За градоначалник во овој град „се натпреваруваат” Хекуран Дука од ДУИ, Беким Поцеста од АА и Алтернатива и Петрит Клења од ДПА. Поцеста освои 3.998 гласови, Дука 3713, додека Клења 37 гласови. Кандидатот на АА и Алијанса, според информациите од коалицијата, не победи во првиот круг од изборите бидејќи му недостасуваа 29 гласови. Во избирачкото место 0543 во Дебар во Избирачкиот список запишани за гласање се 777 граѓани со право на глас.

На избирачкото место 2957/1 во Шуто Оризари во недела ќе се прегласува за членови на советот, и паралелно ќе се гласа за вториот круг од локалните избори за градоначалник. На ова избирачко место има 655 гласачи.

Во вториот круг од локалните избори, што ќе се одржи в недела на 31 октомври 2021 година, ќе се гласа во вкупно 44 општини, а гласање нема да има во Маврово-Ростуше и Центар Жупа бидејќи не беше исполнет законскиот цензус на гласање да излезат најмалку една третина од запишаните гласачи во Избирачкиот список. ДИК ќе ја извести Владата, а потоа во согласност со Законот за локална самоуправа ќе се организира повторување на гласањето.

 

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1