ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 10/26/21 2:47 PM

Превртени тезги, ножеви, боксирачи и пискотници – Голема тепачка на пазарот во Тетово, а не се реткост и во целиот Полог

Ако се следи билтенот од МВР во Полошкиот регион речиси и да нема ден а да не се наруши јавниот ред и мир. Така беше и во послендите 24 часа, кога се забележани поголем број тепачки во Тетово и Гостивар, од кои најголема и најмасовна е онаа што се случила вчера на тетовскиот пазар.

Четири пазарџии на тетовскиот пазар, со ножеви и боксирачи ги расчистувале сметките, откако ден претходно направиле сообраќајка, па на пазарот покрај тезгите каде што продаваат, решиле да ги дорасчистат недоразбирањата. Се работи за две групи, едната од тетовска Мала Речица, другата од тетовски Порој. Тепачката предизвикала општ хаос на пазарот, испрвртени тезги и предмети, насобрани сеирџии, а на лице место биле испратени засилени полициски екипи, се до ставање на целосен ред.

-Тепачката се случила вчера попладне, а нешто подоцна околу 14. 30 минути , на улица „Маршал Тито“, во близина на Зелениот пазар во Тетово, полициски службеници на СВР Тетово ги лишиле од слобода Х.С.(34) и М.Ј.(54) од тетовска Мала Речица, а час и половина подоцна и М.Б.(40) и Џ.Б.(37) од тетовски Порој, учесници во физичката пресметка.Двете лица од Мала Речица задржани се во Полициската станица Тетово, а од Х.С. бил одземен и нож.Се расчистува и документира случајот, по што против инволвираните ќе следуваат соодветни поднесоци, рече Марјан Јосифоски портпарол на СВР Тетово

ММС направи обиколка низ тетовскиот зелен пазар. Продавачите кои ги контактиравме не сакаа многу да комуницираат. Велат дека глетката била страшна и морничава, превртени тезги и пискотници. Зошто настанал инцидентот не кажаа,но фала му на бога како што велат нема сериозни последици, односно никој не завршил со потешки повреди.

-Тука на пазарот сите сме како едно, не правиме разлика кој од каде е и што е, дали е Македонец Албанец, Турчин или Ром, од која вера потекнува или на која партија припаѓа. Овој инцидент не сакаме да помислиме дека може да ни ги наруши нашите односи, пред се како луѓе на пазарот, оти од ова место ги прехрануваме нашите семејства. Можеби имало и претходно некои караници, но тоа било кратко со помирување и на крај се завршувало со разговор и смеење. Како овој инцидент не паметат барем јас, вели еден пазарџија од тетовскиот градски пазар кој сакаше да остане анонимен.

Не е само оваа случка која го нарушила јавниот ред и мир во Тетово. По тепачката на пазарот, вечерта тетовец сакал да прегази полициски службеници.

-Синоќа пак околу 21.50 часот  на улица „Михајло Рајчевиќ“ во Тетово, полициски службеници на СВР Тетово го привеле 20-годишниот тетовец А.М., кој дваесетина минути пред тоа одбил да се легитимира и се однесувал агресивно кон нив на улица „Борис Кидрич“, каде бил паркиран со неговото патничко моторно возило „фолксфаген пасат“ со тетовски регистарски ознаки.Во еден момент тој го стартувал возилото и се обидел да ги прегази полициските службеници, велат од СВР Тетово.

Во СВР Тетово било пријавено и дека на улица „Боге Велјановски“ во Гостивар малолетник физички бил нападнат од три лица. Според пријавеното, во нападот едното од нив користело и метален предмет, а потоа му го одзеле мобилниот телефон и парични средства.

Евидентирано е и приведување на 54-годишниот С.А. од гостиварски Балиндол, кој го нарушил јавниот ред и мир, недолично се однесувал и одбил да се легитимира на полицијата. Се тепале и во гостиварско Форино. Синоќа пред угостителски објект во селото физички бил нападнат од 39 годишно лице  од соседно село Чегране и од уште две други лица.

Во изминативе девет месеци од оваа година на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Тетово, регистрирани се вкупно 409 нарушувања на јавниот ред и мир. Во овие нарушувања биле инволвирани 489 а најголемиот број од прекршоците се целосно расчистени и заокружени со соодветни поднесоци по Законот за прекршоци против јавниот ред и мир.

Меѓу евидентираните прекршоци повторно најбројни се физичките напади, потоа тепачките како и дрското и непристојно однесување, навредување и омаловажување  на службени лице, државен орган и слично.

Од сите нарушувања на јавниот ред и мир не се бележи ниту едно со меѓуетнички предзнак.

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1