ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 10/26/21 8:20 AM

Бадијала се мачиме, ќе ги фрлам за пет денари не ги давам – Јаболките се уште еден тетовски бренд пред исчезнување

Тетовското јаболко се помалку го има во тетовско, а класичен пример за тоа е тетовска Брвеница, село со околу 5.000 жители. Ако пред неколку децении во ова населено место секое семејство имало засадено јаболкови насади и егзистирале од овој тетовски бренд, сега сликата е сосема друга. Сега тие што се занимаваат со оваа дејност се едвај десетина.

Еден од нив е и Драгољуб Зафировски , но и тој, како и неговите соселани, вели дека полека ќе се откаже од јаболката, со која порано ја прехранувал фамилијата. Откуп нема, и тиа што доаѓаат не потценуваат и ни ја бараат јаболката за 5 денари, подобро да ја фрлам, отколку да ја дадам за толку ниска цена.

-Проблемите со откупот и ниската цена се речиси секоја година. Како на некого да му ја продадам за пет денари, кога тие пари треба да ги дадам за некој да ми ја собере. Никој не доаѓа да те праша за јаболката, порано имаше од Србија, Бугарија и од Русија, со камиони и шлепери доаѓаа ни ја купуваа,а сега нема никој. Целата оваа ситуација доведува да се корнат јаболковите насади, а на тие површини да се засадува најчето пченица, за неа барем има откуп, можеби со пониска цена, но важно има. Слободно можам да кажам дека од 80 до 90 проценти од јаболковите насади во тетовска Брвеница се откорнати. И јас ги корнам, оставив уште неколку декари, ама и тие најверојатно ќе ги откорнам. Бадијала се мачиме, давај пари за прскање за берење и на крај нема каде да го продадеш производот. Наместо да земеш пари од него ти мора да го фрлиш во реката Вардар, како јас што направив пред две години, вели Зафировски.

Како што се одвиваат работите, ни малку не е неочекувано брендот тетовската јаболка, целосно да исчезне. Проблемот со пласманот на тетовската јаболка е стар веќе две децении. Но засега нема никаква реакција, ниту најава за било каква помош од надлежните. Јаболката сега се продава во многу мали количини без организиран откуп, а тоа што ќе остане најверојатно како и изминативе години, ќе заврши низ тетовските реки и депонии, додаде друг јаболкопроизводител од тетовска Брвеница.

За да биде трагедијата уште поголема, годинава над пола од јаболковиот род падна на земја поради поројните дождови кои не престанаа десетина дена, токму кога јаболката требаше да се бере.

-И годинава катастрофа, пола од родот треба да го фрлиме, тие што паднаа на земја не сака никој да ги купи. Тие не седат многу, да имаше на пример некоја фабрика сокара да ги купеше како во Ресен тоа е одличо, ама тука во Тетово ништо, без откуп и преработувачки капацитети на земјоделието тешко му се пишува, како на нас јаболкопроизводителите кои како што гледате се откажуваме од оваа дејност, додава Зафировски.

Тоа што остана здраво велат јаболкопроизводителите најверојатно ќе го чуваат за нив и ќе го дадат на пријателите, оти за откуп барем засега никој не се најавил, велат мештаните на Брвеница кои се занимаваат со оваа дејност.

(З.Д.)


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1