ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 10/25/21 8:33 PM

Некогаш се пееше „Билјана платно белеше“, а сега „Битола мој роден крај“ – Саат кулата во Битола го прослави 85 роденден

Точно пред 85 години, на 25 октомври 1936 година, во 12 часот проработи познатата Саат кула во Битола. Часовникот почна да отчукува, а првата мелодија која се слушна беше „Билјана платно белеше“, открива дел од историјата на ова обележје на Битола, хроничарот Ѓорги Лазаревски.  Механизмот на Саат кулата во Битола е донација од Германија, како благодарност што овој град отстапил место за да се изградат германските гробишта каде се закопани над 3.000 војници. На свеченоста имало голем број битолчани, но и многу официјални лица. Овој настан силно одекнал и во Германија, а тогашните весници пишувале за ова.

Лазаревски осум години работел како учител во Германија и благодарение на тоа, непосредно дознал каков одек имал овој настан во тогашна Германија, добивајќи разни документи, но и написи од весниците. Доказ дека Германците навистина сакале да оддадат почит е поставувањето на самата мелодија на македонската песна „Билјана платно белеше“, вели Лазаревски и дополнува дека уште две мелодии се слушале тогаш од Саат кулата, химната на „Св.Сава“ и германската песна „Имав еден другар“, во која се пее за војник кој загинал на фронтот.

Пред овој историски споменик има поставено табла на која пишува дека реставрацијата во 2009 година е извршена со фирми поврзани со Германија.

Уште еден добар познавач на историјата на градот, пензионираниот фоторепортер Петар Ставрев, ни откри за нешто што ретко кој го знае, а е поврзано со Саат кулата во Битола. На еден камен на 11 ред од горниот дел од „саатот“, има изгравиран орел кој јаде змија, како симбол дека во градот доброто ќе го победи лошото.

Механизмот, го одржува задолжено лице од општината и повеќе не е сместен горе, до каде што има 100 скали во тесен простор, туку во долниот дел. До пред да биде поставен новиот механизам, претходно рачно се отчукувало времето и рачно се навивал.

Сега Саат кулата во Битола има само една мелодија „Битола мој роден крај“, а во чест на авторот на оваа песна, Ајри Демировски, во близина е засадено дрво.

Се претпоставува дека Саат кулата висока 32 метри е изградена во 17 век, некаде околу 1830 година заедно со црквата „Свети Великомаченик Димитриј“. Изградена е точно на средина, во центарот каде што некогаш се наоѓало познатото Пекмез маало. И не случајно е тука изградена, за сите да може да гледаат колку е часот.

Најпознатата легенда пак која со векови се раскажува, е дека за изградбата на Саат кулата во Битола биле употребени 60.000 јајца кои турските власти ги собрале од локалното население.

Инаку до 1912, Саат кулата во Битола го мерела времето „А ла турка”, а потоа било воведено модерното мерење на времето „А ла франга“.

Маја Богоевска

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1