ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 10/22/21 1:38 PM

МНР не врши притисок врз историската Комисија, а за членовите одлучува Владата, рече Османи

Министерството за надворешни работи никогаш не правело притисок по однос на содржината на разговорите и одлуките што ги носат членовите на Комисијата за историско-образовни прашања со Република Бугарија. Вчера се одржа првиот ден од средбата.

Ова денеска го изјави шефот на дипломатијата Бујар Османи во одговор на новинарско прашање дека еден член од Комисијата поднел денеска оставка, поради, како што наведоа дел од медиумите, повикувајќи се на негово писмено соопштение, „обиди за политичко влијание врз работата на Комисијата од страна на висок функционер на МНР”.

– Министерството за надворешни работи е координатор, односно го води овој процес на разговори со Република Бугарија и е надлежна институција за имплементација на Договорот од 2017 година. Во однос конкретно на работата на Историско-образовната комисија, МНР логистички ја поддржува Комисијата и затоа состанокот се одржува овде во Министерството, ресурсите ги обезбедува Министерството, Комисијата има договор потпишано со Министерството и оттука е односот на Министерството кон работата на Комисијата. Но, никогаш во однос на содржината, делокругот на работата на самата Комисија, рече Османи.

Во однос на тоа дали Комисијата продолжува и денеска со работа, Османи одговори потврдно, бидејќи состанокот е во тек.

– Јас немам информации што се случува во моментот таму. Меѓутоа, сакам да кажам дека Комисијата треба да продолжи со работа независно дали еден член се повлекува или не. Затоа Комисијата има седум члена, порано имало исто така повлекување, имаше и смена на еден член ако се сеќавате пред неколку месеци од моја страна. Тоа е процес во којшто Владата одлучува кои ќе бидат членови. Јас ќе видам кое е образложението на членот, ќе видам кое образложението на претставниците на Министерството коишто биле таму. За мене е многу важно овој процес да продолжи и да има конкретни резултати во нивната работа, дециден е Османи.

За жал, додаде министерот, немаа ништо договорено вчера и тоа „многу повеќе ме вознемирува отколку тоа дали еден член поради различни причини се повлекол”.

– Најважното е дека немало прогрес и немало договор за ниту една препорака вчера во однос на учебниците. Нема прогрес ниту денеска. На неколку состаноци пред вас изразив вознемиреност, по однос на текот на работењето на Комисијата од двете страни. Меѓутоа, ние немаме други инструменти за имплементација на Договорот освен продолжување на работата на Комисијата, истакна Османи.

 

МИА

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1