ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 10/22/21 12:21 PM

И ракот е епидемија: Поради немање термини, ги натеравме жените да плаќаат во приватно здравство – алармираат од „Борка“

И ракот е епидемија – затоа раното откривање треба да се зголемува, а морталитетот да почнеме да го намалуваме, апелираа денеска од здружението „Борка“. Оттаму укажаа дека поради пандемијата со ковид-19, многу случаи на рак на дојка допрва ќе се откриваат во понапреднат стадиум, со што тие пациентки ќе треба да имаат потежок третман. Сепак, според претседателката, Биба Додева некои проблеми во јавното здравство кога се работи за овие пациентки, се накалемени уште од пред почетокот на пандемијата со коронавирусот.

„Не само во Македонија, туку секаде во светот скрининг програмите беа сопрени, дијагностичките процедури беа стопирани и намалени се’ до одреден период лани кога почнаа да се создаваат услови за такви дијагностички прегледи. Она коешто денес сакаме да порачаме е дека ракот на дојка не може да се превенира, може да се открие рано, а за да се открие рано треба  да им овозможиме на жените да имаат навремено прегледи, да не се чека за ехо, да не се чека за мамографски преглед. Веќе и скрининг програмите да почнат во полн ек да се имплементираат во општините“, изјави Додева укажувајќи на проблемот со доцно дијагностицирање.

„Имаме пропуштено многу голем број луѓе кои поради страв од тоа што не се вакцинирани или страв да патуваат, не ги прават навреме тие дијагностички процедури и тие истите овој период ќе се јават во подоцен стадиум каде што и самиот третман е потежок“, додаде претседателката на Борка.

Таа апелираше и да се надмине проблемот со закажување, кој постои веќе со години,  а жените чекаат за преглед со ехо или мамограф и по два до три месеци.

„Денеска имаме апел да се надмине проблемот со закажување, да може радиологот веднаш да даде упат за биопсија, да се започне со скрининг програмите и секако мултидисциплинарниот пристап кој е еден од релевантните начини на лекување на ракот генерално, конечно да се имплементира во Македонија“, додаде таа потсетувајќи дека иако термини за дијагностичките процедури почнале да се ослободуваат лани во септември, но и понатаму има големо доцнење.

„Меѓутоа  и во нормални услови имаме доцнење,  потребен е некој термин кој би бил пократок. Тоа е тоа на кое треба да работиме, да се скратат патеките, да не чекаат жените, без разлика дали е време на ковид или не, да им се овозможи рана дијагностика особено за овој вид карцином. Контролата во јавните здравствени институции е со партиципација од 150 денари, тоа е малтене бесплатно, проблем е што ги натеравме жените поради немање термини во јавното здравство да си плаќаат во приватно здравство каде секогаш има термин“, истакна Додева на денешниот настан организиран по повод одбележувањето на октомври како месец посветен на борбата на ракот со дојка.

(В.Ми)


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1