ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 10/22/21 6:31 AM

Доста и е на Македонија од конфликти и делби – Петти ден од изборната кампања во вториот круг, се засилуваат активностите на терен

Поминаа четири дена од кампањата за вториот круг на Локалните избори 2021, а кандидатите за градоначалници и лидерите на поголемите партии полека ги зголемуваат своите активности.

Партиите од владејачката коалиција потврдија дека владиното мнозинство останува стабилно и сплотено и дека ќе ги поддржат нивните кандидатите за градоначалници во вториот круг, а истото го направија и партиите од опозицијата. Вчера официјална средба во Собранието имаа лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на Алијансата за Албанците, Христијан Мицкоски и Зијадин Села, на која ја потврдија заемната поддршка за нивните кандидати во вториот круг. Ден претходно Мицкоски имаше телефонски разговор со лидерот на Алтернатива, Африм Гаши на кој исто така беше потврдена соработката за вториот круг.
Од опозицискиот табор велат дека работат на ново парламентарно мнозинство кое го најавуваат по вториот круг на изборите, а од владејачкиот табор порачуваат дека актуелното мнозинство е стабилно и дури најавуваат и негово окрупнување.

Претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев очекува зголемување на парламентарното мнозинство и смета дека не треба да има предвремени парламентарни избори за земјата да може да се посвети на економијата. Вели дека Владата е стабилна и дека тоа го потврдиле и партнерите во коалицијата што ја предводи неговата партија. Смета дека не треба да има предвремени парламентарни избори, зашто двете и пол години без избори треба да се искористат за подобрување на економијата.

-Посветени сме на вториот круг, да го подобриме резултатот и веруваме во тоа, затоа што правиме обединување, затоа што имаме сериозна државна национална коалиција. Во 19 општини водиме во првиот круг, ама имаме шанса во 32, изјави премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21.

Вториот круг, рече Заев, навистина е важна работа затоа што се важни општините, но и Градот Скопје, за кој посочи дека секојпат е симболот на победата.

-Веруваме дека може да се направи пресврт во градот Скопје, заради тоа што вториот круг е многу порасчистена, поразбистрена ситуацијата и верувам дека успехот е можен, рече Заев.

Во однос на резултатите од првиот круг, посочи дека резултатот не бил очекуван, но дека се задоволни што имаат девет општини со избрани градоначалници од редовите на СДСМ и коалицијата.

– Во 19 општини водиме во првиот круг, а сме влезени во вториот круг. Од 32 општини, апсолутно само со математиките на обединувањето, затоа што правиме обединување, затоа што имаме сериозна државна национална коалиција, стануваат 22 каде што водиме, ама имаме шанса во 32. Тоа покажува грубата математика и аналитика која што ја имаме, рече Заев.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски од Радовиш порача дека новата иднина е на дофат, потребен е само уште еден исчекор, уште еден значаен потег, гласањето на 31 октомври на кое, како што рече, граѓаните ја имаат моќта и силата. Додаде дека новата иднина не е само испишаното во програмата на ВМРО-ДПМНЕ туку е бедем, тврдина на принципи и морал кој сакаат да го внесат во македонската политика.
-Новата иднина е ново време каде народот мора да започне економски да се засилува. Да има повеќе пари за народот, поголема поддршка за земјоделците, рече Мицкоски и повика да престанат поделбите во државата и да се вреднуваат желбите и потребите на луѓето.
Го обвини лидерот на СДСМ дека ќе настапел со негативна кампања, со оживување на сеништата со кои Заев живеел длабоко во минатото.
-Доста и е на Македонија од конфликти и делби. Доста е од граѓани кои се делат на наши и ваши. Ова е нашата Македонија, Македонија на народот… Ни стават во уста работи кои ниту сме ги рекле, ниту сме ги ветиле. Сето тоа треба да ве одврати и да ве натера да не гласате. Да помислите дека сите се исти. Нивниот поткуп и притисоци имаат намера да го обезбвреднат вашиот глас. Одговорот мора да биде масовна излезеност, бидејќи сме само на чекор до целта – победа за нова иднина, победа за нов почеток и нова надеж, подвлече Мицкоски.
На овие избори, порача, се праќа силна порака до власта која владее цели 52 месеци, а на изборите бара повторно апсолутна моќ, освен во владата и во општините, и се однесува како да е опозиција и го потценува сопствениот народ.
-Сакаат да заборавиме кои се и што направија изминативе 52 месеци. Затоа, ги повикувам сите гласачи, кои сакаат нешто да се промени и не поддржуваат, како и сите оние кои не се определија првично за нас, и оние кои се разочарани од политиката, ајде да се обединиме, повика Мицкоски од Радовиш.

Независната кандидатка за градоначалник на Скопје поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Данела Арсовска беше на средба со сопственици на индустриски објекти во општина Аеродром каде им вети дека ќе има 24 часа достапна општинска канцеларија за сите нивни потреби, со што ќе ја завршуваат работата без губење време и непотребни чекања. Заедно со новоизбраниот градоначалник на Аеродром, Тимчо Муцунски се сретна и со повеќе граѓани од општината и ги повика да се приклучат кон промените за подобро, модерно и европско Скопје.
Уште еднаш истакна дека со отпочнување на нејзиниот градоначалнички мандат ќе биде градоначалник кој во договор и соработка со жителите ќе ги реализира решенијата за сите проекти кои се од суштинско значење за подобрување на функционирањето на главниот град, а фокусот ќе биде квалитетна инфраструктура, решавање на сообраќајот, повеќе зелени површини и брз, безбеден и квалитетен јавен превоз, како нејзини главни приоритети.
–Токму овде во Аеродром, заедно со вашиот градоначалник од општината ќе го изградиме Скопје ИНОПАРК со цел искористување на потенцијалите на ИТ-индустријата и за економско јакнење на општината, но и на градот. Со овој проект, ќе бидат искористени потенцијалите на ИТ индустријата во Скопје, но и ќе им се овозможат на младите луѓе услови за професионален раст и можности за економско јакнење, рече Арсовска.

Кандидатот на СДСМ и коалицијата и актуелен градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов порача дека граѓаните нема да дозволат државата и Град Скопје да се враќаат назад. Нивната порака, нагласи, ја примивме и постапуваме, дополнително имаме окрепнување на гласовите со потврда од сите партии кои се дел од владината коалиција и неспорно е дека мнозинството граѓани ќе го одберат развојот на Град Скопје.
Воедно посочи дека верува оти граѓаните ќе ги препознаат политиките кои биле креирани во последните четири години и додаде дека се надевам оти гневот кој го искажаа во првиот изборен круг нема да го надвладее разумот и во вториот, бидејќи останаа само две опции за избор – една која влече напред и го развива Градот веќе четири години и друга која, како што нагласи, ќе го врати градот назад.
-Првиот изборен круг беше сериозен излив на гнев, меѓутоа доволно се мудри и паметни нашите граѓани да знаат да ја направат разликата во вториот круг. Во изминатите неколку денови добив многу пораки од луѓе со кои што сум комуницирал, кои што велат, што направивме, не ни беше тоа намерата. И навистина има такви многу луѓе кои заслужено сакаат на тој начин да го покажат својот протест, но ни самите не веруваат дека се случи тоа што се случи. Верувам дека сите овие ќе излезат и ќе гласаат во вториот круг, посочи Шилегов во интервју за ТВ Канал 5 и додаде дека се надева на сојуз со граѓаните.

Државната изборна комисија  (ДИК) вчера на јавна седница со 4 гласа „против“ и 3 „за“ го отфрли приговорот на коалицијата на Алијансата за Албанците (АА) и Алтернатива за нивните забелешки за гласањето во првиот круг на Локалните избори на избирачкото место 543 во Дебар. Претставникот на АА и Алтернатива бараше поништување на гласањето на ова избирачко место, што беше поддржано од членот на ДИК, Кренар Лога. Претседателот на ДИК Александар Даштевски рече дека Државната изборна комисија ќе формира комисија која ќе изврши увид во целокупниот избирачки материјал од избирачкото место 543 во Дебар и откако таа ќе ги добие решенијата ќе се закаже седница за што јавноста ќе биде навремено информирана.

ДИК вчера не го прифати ниту приговорот на Движењето „Одлучно за промени“ на ЛДП и ДОМ, а ги отфрли и приговорите на Демократската партија на Турците. Одбиени беа и сите шест приговори на Левица, од кои четири за Штип и два за Кисела Вода, поради тоа што партијата во прилог не доставила материјални докази. Отфрлен е и приговорот на партијата Твоја поради тоа што е поднесен по рокот.

ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ, пак, ги повлекоа своите приговори за првиот круг од гласањето на Локалните избори.

МИА

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1