ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 10/20/21 7:00 PM

Каде е маж ми, таму треба да бидам и јас – Македонската снаа Анна Мазнoва место во Русија иднината на семејството ќе ја гради во Дојран

Анна Мазнова го замени родниот Томск во Русија, со Дојран во Македонија, кога пред шест години стана македонска снаа и покажа уште еден пример за големината на љубовта, која ги надминува сите граници и бариери. Младата Анна е сопруга на познатиот македонски фудбалер, Горан Мазнов, и живее во Македонија од 2015-та. Отворено за ММС таа ни раскажа како се решила да дојде овде и да отпочне нов живот.

– Тука дојдов пред шест години, кога стапивме во брак со Горан. Со него се запознав во мојот роден град Томск, во Русија. Јас работев во тој период како менаџер на еден познат ресторан  во градот, а таму многу често доаѓаа фудбалерите на градскиот клуб за кој играше и Горан, и така се запознавме. Првата година живеевме во Скопје, а потоа стигнавме овде, во Дојран, во таа убавина, за да може да ја гледаме и да ја планираме понатаму иднината со нашите деца – раскажува Анна.

Љубовта која се родила на руско тло, продолжила и овде во родното место на Горан, па Анна со задоволство се присетува на нејзините први впечатоци за Македонија.

– Порано јас имав слушано само за Југославија. Кога дојдов тука првпат, Македонија ме бендиса. Сепак, немаше можност да правам избор, туку онаму кадешто беше мојот маж таму требаше да дојдам и јас. Но и покрај тоа, можам да кажам дека македонскиот крај е многу убав. Јас сум отворена за да запознавам нови места, нови култури, сакам да патувам и ако имам можности одам и го правам тоа – вели таа.

Споредувајќи ги Македонија и Русија, таа открива дека и двете земји имаат сличности во менталитетот на двата народи.

– Луѓето се многу отворени, слични се по духот, гостопримливи и многу љубезни. Јазиците ни се слични, но мене првиот пат кога дојдов тука ми беше многу чудно, бидејќи Македонците зборуваат многу брзо. Овде се говори и многу емоционално и гласно за разлика од Русите кои зборуваат поодмерено, со посмирен тон – забележува Анна.

Покрај тоа што е целодневно ангажирана како мајка на две девојчиња, таа е и умешна готвачка во кујната, знае да подготви македонски рецепти, а во својот дом успешно ја внесе и руската кујна.

– Руски јадења кои ги обожава мојот маж се вареники – тоа е руски специјалитет кој се прави од тесто со различен фил – може да биде со компир, може со урда или со некое овошје, потоа борш кој е нешто слично како супа со месо и различен зеленчук. Од овдешните јадења ми се допаднаа сармата и полнетите пиперки кои исто така ги прават и во Русија. Секако ја јадеме и рибата – омилени ми се сомот, перкијата, крапот – набројува таа и додава дека во Македонија не прошетала на многу места, но најмногу и се допаднал Охрид.

Танцот како професионален пат

Анна завршила факултет за туризам, угостителство и социјална сфера, во матичната земја работела  и како сметководител во нафтена фирма, но и во познат ресторант во центарот на Москва, сепак,  денес се враќа на својата прва љубов – танцот, со кого се дружи од шестгодишна возраст. Зад себе има 15 годишно искуство во стандардни и латино-американски танци и учество на меѓународни танцувачки натпревари.

– По десет години танцување продолжив во друга насока – естрадна кореографија и имавме пракса да работиме со мали деца. Таму работевме колективно, а тука сум одговорна за се, и потребно е многу трпение и комуникација еден на еден, со децата. Тоа што сум мајка ме научи да бидам сто проценти трпелива со најмалите ученици, а искуството со работа во танцувачки колектив ми покажа како човекот кој вистински сака да ги оствари своите желби и цели, ќе најде решение и ќе ги надмине сите бариери – вели таа.

Желбата да го направи токму тоа – да ги помине сите пречки на едно мало место како Дојран, за да внесе дополнителна активност за децата кои тука немаат услови за избор и разновидна понуда, ја води Анна кон идејата да отпочне со танц за деца до шест и над шест години.

– Танцот за мене беше смислата на животот. Танцував секаде. Jас сум уверена сега како родител дека да се пушти детето на танц е вистинската одлука, бидеќи придобивките се бројни –  танцот го формира слухот, помага за правилно формирање на телото, флексибилност, координациjа на движењe, психолошки развоj, комуникациja, дисциплина… – вели таа и се заблагодарува на основното училиште во Дојран за отстапената спортска сала како простор за часовите по танц.

Иднината Мазнова ја гледа со своето семејство во спокојниот Дојран кој честопати се нарекува мирно гратче со медитеранска клима, а на професионален план наскоро размислува да ги прошири часовите со танцувачки активности за возрасни.

Роза Шулевска

Фото: Фејсбук


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1