ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 10/19/21 10:00 AM

Цело село со зелени раце – Пожарите ги дотепаа жителите на Нов Истевник, а политичарите ги есапат само за гласање

Изборниот процес во делчевското село Нов Истевник помина во најдобар ред, гласањето на неколкумината жители се одвиваше без никакви проблеми, но само по себе тоа и не е нешто невообичаено. Она што сепак претставувало проблем е примената на новите УБИГ апарати за кои требаше да се провери отисокот на самиот гласач. А за сето тоа е виновна сезоната на берење ореви. Зелената боја која оревот ја испушта при лупењето се покажа како клучна за УБИГ апаратот да не може да го препознае отпечатокот на прстите кај гласачите, бидејки сите раце им биле зелени.

Ваквата навидум банална ситуација ја потврди Станко Станоевски во чиј двор беше забележливо „цреслото“ како што Истевничани ги нарекуваат отстранетите лушпи од ореви.

-Точно е дека имаше проблеми поради тоа. Изборите инаку поминаа мирно бидејки овде се педесетина гласачи и освен проблемите со зелената боја на рацете, друг проблем немаше. Оревите годинава имаа слаб род, дел од нив изгореа, оние што останаа ги присобравме, истакна Станоевски.

За оревите го прашавме и Васил Василев, жител на Нов Истевник кој во отсуство на стопанот на фармата каде се одвиваше гласањето зборуваше за интересот околу магарешкото млеко кое често на фармата го баараат жители од други градови на Македонија.

-Реално да ви кажам Истевник не е познат многу по оревите, повеќе по слива и други овошја. Овде останавме малку луѓе, 15 тина, но има луѓе кои од Делечво доаѓаат, имаат викендици овде. Доаѓаат авотмобили овде, знае понекогаш и да има повеќе луѓе во еден ден. Тие се иселени, но се уште се водат на адреса на селото, раскажува Василев.

Но, не се само оревите по што ќе остане запаметено ова село на овие избори, туку и тоа што се гласаше во просториите на тамошната фарма за магариња, која сега е приватна сопственост.

Сопственикот на фармата не правеше проблеми гласањето да се одвива во просториите бидејки зградата некогаш било училиште, а до пред неколку години зјаела празна, заради што иселеникот Киро Гоцевски кој е сопственик на фармата морал да ја пренамени за потребите на неговата фарма за магариња.

Сепак оние кои гласаа на локалните избори велат дека просториите каде беше сместено избирачкото место беа пристојни и немало никакви проблеми.

Над самата фарма каде гласаа луѓето од Истевник она што боде очи е и спомен облежјето за паднатите борци од НОВ. Таблата со натпис за она што се случувало се уште стои закачена на еден од блиските ѕидови каде стои дел од инвентарот за фармата на бизнисменот Гоцевски.

Жителите се децидни дека изборите поминаа, но тие ќе останат тука да чекаат некој да ги посети и потоа, да ги праша дали нешто им е потребно и што треба да им се помогне, нешто кое за жал рекоа дека многу ретко се случува.

ММС


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1