ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 10/18/21 3:09 PM

Измените на Изборниот законик се нејасни, а идентификацијата со отпечаток од прст донесе нови предизвици: Набљудувачите на ОДИХР со оценка за изборите

Првиот круг од локалните избори помина во натпреварувачки дух, се почитуваа основните права, но сепак на земјата и’ е потребни сеопфатни реформи. Ова е оценката на Набљудувачката мисија за изборите на ОДИХР, која гласањето го следеше со 16 експерти во главниот град и 20 долгорочни набљудувачи распоредени во целата земја од 07-ми септември.

„Главните парламентарни партии имаат системски предности во распределувањето на ресурсите, меѓу другото и за медиумите. Негативната реторика често пати беше насочена кон жените и тоа го одвлече вниманието од некои други проблеми. Доцното спроведување на уредите за биометриска идентификација на гласачи предизвика дополнителни предизвици во спроведувањето на изборите“, изјави на денешната прес конференција шефицата на Набљудувачката мисија, Тана де Зулуета.

Таа рече дека набљудувачите позитивно ги оценуваат изборите, но проблемите со новите уреди за отпечаток од прст на гласачите не останаа незабележани.

„Повеќето одбори ги надминаа овие проблеми колку што можеа најдобро. Набљудувачите забележаа проблеми со тајноста на гласањето и често пати имаше групно односно семејно гласање што негативно влијаеше на учеството на жените. Постоеја и случаи на мешање во броењето и сите проблеми беа предизвикани од претставници на кандидатите“, додаде Зулуета.

Таа посочи дека не постоела добра организација, но сепак тоа не влијаело на резултатите. Според набљудувачите на ОДИХР, кампањата била мирна, но жените во неа не биле доволно застапени, а проблемите со родовата еднаквост отсутни од говорите на партиските претставници.

-Во поглед на учеството на жените во политичкиот живот, забележавме дека жените беа застапени со околу 45 проценти меѓу кандидатите за советници и иако беа носители на листи, само 8 проценти од кандидатите за градоначалници беа жени, тоа се 25 од 312 – потенцираше таа.

Зулуета посочи дека се забележани изолирани случаи на заплашување на кандидати, но и наводи за притисок да се повлечат одредени кандидати, а и притисок на гласачите и купување гласови.

„Иако имаше неколку истраги на неколку индивидуални случаи на денот пред изборите во поглед на ваквите наводи не беше преземено доволно“, објасни Зулуета.

Според набљудувачите на ОДИХР, процесот на регистрација на кандидатите бил инклузивен, но сепак се со забелешка за условите за поднесување независна кандидатура.

„Бројот на потписи потребни за независни кандидати го отежнува влегувањето на нови кандидати и не ги почитува добрите меѓународни пракси“, истакна шефицата на Набљудувачката мисија.

И покрај позитивната оценка, Мисијата констатира дека изборите не поминале толку глатко, пред сѐ поради јазовите во правната рамка и проблемите предизвикани од честите промени.

„На 15-ти септември Парламентот усвои неколку амандмани на Изборниот законик поврзани со овие избори без јавна дебата и без консултација со клучни засегнати страни. Тоа се коси со добрата меѓународна практика. Овие амандмани делумно одговорија на некои препораки од претходно, меѓутоа некои се сѐ уште неодговорени. Амандманите имаа широка поддршка од политичарите, но посеопфатен процес е неопходен и понатаму“, истакна Зулуета.

Таа посочи дека законодавството за решавање изборни спорови содржи многу нејаснотии:

„Новите рокови согласно новите амандмани во Изборниот законик предизвикаа уште поголема несигурност. Можноста за гласачите да поднесат жалби е ограничена на избирачките списови и индивидуалните права на гласа. Забележавме дека не сите одлуки по однос на жалбите за изборите беа објавени“.

Зулуета на попладневната прес конференција во Скопје информираше дека биле набљудувани и медиумите, односно набљудувачите од 20-ти септември вршеле мониторинг на шест национални тв канали.

„Според мониторингот, емитувањето поврзано со изборите беше неутрално. Двете најголеми партии доминираа на вестите на националните радиодифузери“, изјави Зулуета.

Таа се осврна и на финансирањето на кампањите, повикувајќи се на Законот кој предвидува максимални суми за донации и расходи, како и казни за прекршување на правилата за финансирање на кампањите.

„Сепак кандидатите не мораа да ги објават сите извори на приходи. Има јазови во правната рамка за финансирање и препораките сѐ уште не се прифатени. Ограничените информации ја поткопаа можноста да се откријат повреди“, констатираа набљудувачите.

Одговарајќи на новинарско прашање, дали од ОДИХР ќе препорачаат промени во начинот на финансирање, таа потенцираше дека има препораки кои сѐ уште не се одговорени.

„Веројатно ќе се навратиме и ќе ги повториме особено во врска со надзорот. Правната рамка е сеопфатна, но се уште постојат јазови. Ова е одлука на државно ниво, би сакале да обрнеме внимание дека нашите соговорници рекоа дека поради ваквиот начин се доаѓа до клиентелизам, но не мора да биде така. Постојат финансии од државата и целта на тие субвенции е изедначување и да им се даде можност на сите, за да не се врти сѐ околу парите. Сепак, стандардите до кои ние се придржуваме, се дека секој кандидат треба да биде еднаков и да има можност, но секоја држава треба да определи како ќе го постигне тоа“, заклучи Зулуета.

 

(В. Ми)

 

 

 

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1