ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 10/19/21 7:00 PM

Ги молам младите да не си одат од Македонија – Моника Блажевска е мултитаскинг уметник, секоја нејзина слика и дизајн имаат душа

„Јас си барам само некои материјали, било какви, дали ќе биде ѕид, платно, хартија, облека, секаде каде можам да се изразам. Така ја разбирам уметноста, слободна“. Ова го вели младата дизајнерка и уметник Моника Блажевска, која стои зад името „БМ Дизајн Унион“. Моника не е непозната за јавноста, зад неа стојат повеќе ревии, позната е по своите уметнички слики, но и проектот за ликот и делото на Тоше Проески. За неа велат дека е мултитаскинг уметник, но таа вели  дека најважно и е да црта, не е важно што.

-Кога ќе споиш уметност и дизајн се прави хаос во глава и сето тоа да го поврзеш е малку комплицирано. Голема е љубовта и желбата да пренесеш нешто од слика на платно, што е сосема друга техника, а сосема друга работа и техника е цртањето на облека. Се што станува збор за креативност, слободно изразување нема граници. Ако ми речат на таван и на таван ќе цртам. Сега некој да ми рече оди во црква или катедрала,  цртај икони и тоа би го прифатила иако немам искуство ама имам желба.  Сакам ренесансна уметност, барокна уметност. Минатиот пат си купив книга за Леонардо да Винчи, се воодушевувам од него. Дури кога ја прочитав книгата сватив дека живеам во модерно време, но со уметниците од неговото време. Античка душа заробена во модерно време. Затоа на луѓето малку им бев чудна. Но, откако сум шест години на оваа сцена, од многу луѓе сум разбрала, ми го кажале тоа, дека нешто ги тера да ми се обратат. Верувам дека не случајно, иако и со многу труд и желба им се имам наметнато на луѓето.

Која ти е инспирацијата кога си расположена, а што црташ кога си под стрес?

-Јас тешко сум под стрес, немам стресни работи. Уште од градинка сум научена сама да функционирам. Мирно поминав и во средно уметничко иако таму забележав дека ние уметниците  сме многу суетни. Мислам на професорите. Тешко кој професор од срце ќе ти предаде занает, да ти каже техники и тоа  малку ми создаваше нервоза. Треба сама да се мачам за да научам. Не знам зошто така иако  чест на исклучоци имаше и таму.  Истото го имав и на факултет. Ќе видат некој со малку поголема желба и веднаш сакаат да го дискредитираат. Така беше и со Тоше.

Една година беше дел од чествувањето на Тоше? Од каде идејата?

-Јас не сум го запознала Тоше. Бев многу мала кога една другарка правеше роденден, тој дојде да испее неколку песни и на сите ни даде автограм. Бев на последниот негов концерт. Паметам имав едно ланче со крст и како игравме ми падна ланчето и се скина. На крстот имаше камче кое падна и се разрони. Го земав и го чувам дома како спомен од последниот концерт. Мислам како да беше предзнак, дека ќе го нема. Потоа ми се појави идеја и на еден од концертите во сеќавања за Тоше направив маички и марами на кои го насликав неговиот лик и ги делевме на учесниците.   Беше на 11 години од смртта.

Како млад уметник како ја оценуваш состојбата на уметноста кај нас?

-Како борба. Треба да се бориш. И тоа не е само за уметноста, туку и за сите професии. Уметноста е  скапа работа. Ако немате поддршка од дома, а јас безрезервно ја имам поддршката од моите, многу е тешко. Не зборувам за уметноста како хоби, туку како професионална определба. Треба време за да имаш бренд, тоа не се создава преку ноќ. И покрај се јас ја сакам уметноста и за ништо не би сменила професија. Единсвено што сум размислувала е кога ке имам над 40 години да имам слаткарница. Во украсувањето на тортите има уметност. Мислам дека ќе се презаситам од креации и слики.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by bm – design monika (@bm.artidesign)


Имаш ли некој дизајн или уметничка слика на која си многу горда?

-Има повеќе. Драги ми се сликите кои сум ги направила меѓу првите, од средно уметничко. Тука навистина сум се докажувала иако се уште се докажувам и не сакам да застанам. Тоа се слики кои се мојата биографија и кои ги работам само кога ќе имам време и енергија.  Тоа се слики на платно од религиозни теми. Како што го нацртав Исус, која за мене сега е икона. Секогаш кога ќе застанам пред сликата ми се враќа енергијата. Мене сликите ме одмараат, во секоја слика има некоја душа.  Мене ме привлекуваат теми од времето на Исус, да цртам сиромашни, од времето кога на поинаков начин  се живеело, кога животот бил сиромашен. Можеби ќе звучи чудно, но јас сум среќна што има пандемија, бидејќи се ова се случува со некоја порака. Не ги почитуваме семејните вредности. Мислам дека не само кај нас, туку и на светско ниво не се знае веќе што се прави. Противник сум на цигари, дрога, алкохол. За уметникот велат дека ако не „џапне“ нешто нема да се опушти, но тоа за мене не важи.  И многу станаа материјалисти луѓето. Тоа е страшно.  Па, јас работев во печатница од 8-16 часот за 200 евра, а познавам млади кои не сакаат да работат за 200 евра и седат дома, спијат и чекаат родителите да им дадат. Но, јас не го гледам тоа така. Еве одиш некаде за 200 евра,  таму ќе запознаеш некој кој ќе ти понуди друга работа за 400 евра, и така понатаму. Од кај знаеш кај ти е среќата, а дома ако седиш и чекаш не е убаво.

Знаеш дека скромноста што ја поседуваш во денешно време не е доблест, туку маана?

-Да ама не можам да се менувам, тоа ми е дел од катактер. Тоа е домашно воспитување. Може ако родителите не ми дале поддршка немало вака да размислувам, ќе сум нашла некој спонзор. Ама па на спонзорот ќе треба да му молчиш и да го трпиш, на спонзор  треба да му играш чочек и навистина им честитам на девојките што се спонзоруши. Каков живот дојде, се се оди кон некое совршенство, а нема потреба од тоа.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by bm – design monika (@bm.artidesign)


А колку се живее од уметност? Како ти како уметник си задоволна од твојата работа?

-Скромно. Ништо не се луксузирам. Моите ми дадоа стан, а јас на кредит успеав да го средам. Сега пет години го отплаќам кредитот. Сама си плаќам придонеси.  Тука нема правило и ништо не е задолжително, ниту да се дотераш од кај мене, ниту слика да купиш. Живееме во некое ново време, а спомнав дека короната е дојдена со некоја порака, прво од економска страна да се сменат работи. Не можеш нешто да очекуваш кога луѓето се со броени пари. Затоа јас непосредно пред пандемијата го затворив дуќанот и сега работам од дома, имам атеље и работам онлајн.  Јас сто пати сум го гледала филмот „Ѓаволот носи Прада“, се пронајдов во филмот. Го гледав во момент кога се ми беше насобрано, па по филмот утредента се јавив на газдата и реков дека ќе го откажам дуќанот. И кога го сторив тоа како да ми падна камен од срце.  Го направив станот атеље, па една убава енергија, па организирање време.  Ја ослободив енергијата и преубаво ми е. Научив да не се врзувам ниту за луѓе ниту за простор. Нешто мора да се смени.

Иако е време на пандемија, сепак, планираш ли ревија?

 

View this post on Instagram

 

A post shared by bm – design monika (@bm.artidesign)


-И да не ја направам во скоро време јас имам идеја, знам како треба. Ќе биде пак некоја тешка тема, некоја тешка уметност преточена во креации. Како што направив претходно, кога ги врзав и сликите и креациите. Јас не сакам да бидам само дизајнер, не се чувствувам ни како моден дизајнер или сликар. Јас сум уметник, како Леонардо Да Винчи. Него го интересирало се, па дури и научни работи за да му помогне на светот. Јас не сум научник  ниту, пак, мислам да станам иако едно време размислував за некои иновации. Мислам дека секој човек кој е дојден на земјава треба нешто да придонесе, да се памети по нешто.

Што би ги советувала младите, кои допрва сакаат да зачекорат во професијата?

-Прво и најважно да не си одат од Македонија.  Ова не сакам да го гледаат како политика. И јас сум можела да си заминам кога сакам. Но, ете пак ке го споменам Тоше. Тој почна од тука, па успеа надвор. Па ти не можеш да успееш надвор па после да успееш во Македонија. Сите од тука да почнат да се борат. Познавам многу луге кои живеат тука, а работат со странство. Нема некоја печалба и таму. Затоа сакам да порачам да не си заминуваат, туку тука да творат. Таму еднаш месеци едвај излегуваат а овде на нас ни нема равен за излегување. Седете си дома, сакајте си ја татковината и вложувајте во неа.

(В.М.)

 

 

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1