ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 10/15/21 12:46 PM

ММФ очекува в година намалување на инфлацијата, од 3,1 отсто на околу 2,2 отсто

Меѓународниот монетарен фонд, ММФ, во своите проекции презентирани во Светскиот економски преглед, очекува дека инфлацијата во просек ќе достигне ниво од 3,1 отсто оваа година, а ќе се намали на околу 2,2 отсто во 2022 година, што е во согласност со глобалните случувања. Најголемиот двигател на неодамнешното зголемување на инфлацијата се глобалните цени на енергенсите, пред сѐ на нафтата и гасот. Притоа, нарушувањата на глобалните синџири на снабдување и „тесните грла“ вршат притисок врз цените на трајните добра, особено по брзото закрепнување на побарувачката. Ефектот од повисоките цени на енергенсите и неусогласеноста меѓу понудата и побарувачката се очекува да се исцрпи во 2022 година. Дополнително, ниту еден од овие фактори нема да реагира на промените во монетарната политика. Сепак, централните банки, вклучително и Народната банка, ќе треба внимателно да го следат развојот на настаните за да осигураат дека евентуални повисоки очекувања за инфлацијата нема да предизвикаат продолжен раст на платите.

„Со олабавената монетарна политика, како и со сите одлуки и мерки од избувнувањето на корона-кризата, Народната банка дава придонес за поддршка на финансиската стабилност и на македонската економија. Поставеноста на монетарната политика засега е соодветна, сепак, неопходно е внимателно следење на инфлациските движења, а особено инфлациските очекувања и можните пренесени ефекти во контекст на растот на платите“, истакна гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска на средбата со тимот од Одделот за Европа во ММФ, предводен од шефицата на Мисијата, Берглјот Баркбу,  во рамките на gодишните средби на ММФ и Светската банка.

(МИА)


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1